Министерството за одбрана изразило интерес да биде вклучено во антикорупцискиот индекс на Транспаренси Интернешнал (ТИ) – одбрана и безбедност, преку кој се вршат проценки на ефективноста и зајакнувањето на институционалните и неформалните контроли во справувањето со ризикот од корупција во одбраната и безбедносните институции.
Како што информираат од Министерството, ова било истакнато на денешната средба на министерката за одбрана Радмила Шекеринска со Методи Зајков, генерален секретар на Транспаренси Интернешнал за Македонија и Каролина МекЛахлан, менаџер за истражување и политика – конфликти и небезбедност од меѓународната канцеларија на Транспаренси Интернешнал.
„Целта на вклучувањето ќе биде да се подобри работата на институциите од одбраната и безбедноста на Република Македонија, да се зајакне нивната антикорупциска агенда и на тој начин да се зголеми довербата во нив – се наведува во соопштението.
Воедно, се посочува дека неколку од земјите од регионот како Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина веќе се вклучени во антикорупцискиот индекс на Транспаренси Интернешнал, но за жал тоа не било случај со Република Македонија.
„Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија со овие чекори ја истакнуваат својата силна политичка волја за поголема транспарентност, одговорност и вистинска борба со корупцијата , велат од Министерството за одбрана.