Секретарот за печат на Белата куќа, Карин Жан-Пиереа, и Џон Кирби, координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност, свикаа конференција за новинари, откако американските борбени авиони за помалку од десет дена соборија четири „непознати летечки објекти“.
„Сакам американскиот народ ова да го слушне од Белата куќа – нема индикации за вонземјани“, рече Пиереа на почетокот на пресот и продолжи да се шегува: „Ми се допаѓаше филмот ‘Е.Т.’, но едноставно ќе го оставам таму каде што му е местото“.
Џон Кирби рече дека Соединетите Американски Држави сè уште работат на „подобро разбирање“ на напорите за собирање странски разузнавачки информации.
„Успеавме да утврдиме дека Кина има програма која е поврзана со Народноослободителната армија, во чиј склоп со балони на голема височина собира разузнавачки податоци“, рече Кирби.
Тој, исто така, напомена дека спорните кинески балони досега давале „ограничени можности“, но во иднина, како што ќе напредува технологијата, би можеле да станат „многу повредни“.
„САД не можат дефинитивно да ги идентификуваат ризиците од тие балони, но моравме да бидеме многу внимателни и да реагираме. Претставуваа закана за цивилниот комерцијален воздушен сообраќај. И иако немаме конкретна причина да се сомневаме дека вршеле надзор од каков било вид, тоа не можевме да го исклучиме“, додаде тој и заклучи дека „мисиите се спроведени безбедно и успешно“.







