Јапонија соопшти дека денеска бил изгубен контакт со воен хеликоптер во кој биле членови на екипажот и неколку патници во близина на Мијакоџима, дел од југозападниот остров Окинава.
Воениот транспортен хеликоптер УХ60ЈА (UH60JA), познат како „Црн Јастреб“ (Black Hawk), исчезна од радарот кусо време после полетувањето од базата на копнените сили за одбрана во Мијакоџима и не одговарал на радио комуникацијата, јави државната телевизија НХК.
„Спасувањето на луѓето оd хеликоптерот е приоритет на владата“, рече јапонскиот премиер Фумио Кишида во коментарите што ги пренесе НХК.
Бродовите на јапонската крајбрежна стража трагаат по исчезнатиот хеликоптер, во кој според националната телевизија имало 10 лица.
Некои локални медиуми објавија дека меѓу нив е и висок командант на копнените сили за одбрана.
Претставниците на јапонското министерство за одбрана не беа веднаш достапни за коментар.
Aрмискиот хеликоптер се верува дека се урнал во морето кај јужниот јапонски остров откако во областа биле забележани предмети кои изгледале како делови од авион, информираа одделни медиуми повикувајќи се на информации од владин претставник.
„Хеликоптерот исчезна од радарот денеска попладне додека извршуваше извидувачка мисија, северно од островот Мијако“, изјави на прес-конференција шефот на копнените сили за одбрана, Јасунори Моришита.
„Отпадоци за кои се верува дека се делови од авион биле забележани во областа, на околу 1.800 километри југозападно од Токио“, истакна тој.
„Кјодо њуз“ соопшти дека бродовите на јапонската крајбрежна стража пронашле и траги од нафта што можеби се поврзани со исчезнатиот хеликоптер, но официјалните лица одбија да го потврдат извештајот.
Моришита рече дека хеликоптерот бил стациониран во клучната регионална армиска база во префектурата Кумамото, на јужниот главен остров Кјушу, а еден од 10-те членови на екипажот е командантот на дивизијата, Јуичи Сакамото.
Тој појасни дека хеликоптерот исчезнал од радарот порано отколку што се мислело.
Телевизијата НХК претходно соопшти дека хеликоптерот се изгубил од радарот околу еден час по неговото полетување од островот Мијако и околу половина час пред неговото планирано враќање.
(Фото: АФП / Хендаут)







