Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска се сретна со медијаторот на Обединетите нации за прашањето за името, Метју Нимиц. На средбата стана збор за актуелниот процес што се води под покровителство на ОН поврзан со постигнување решение за спорот со Република Грција.
„На средбата претседателот Мицкоски ги афирмираше официјалните ставови и позиции на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со спорт за името. Тој посочи дека разговорите треба да продолжат да се водат во рамката утврдена од Обединетите нации, почитувајќи ги документите и принципите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од страна на ВМРО-ДПМНЕ, на средбата била изразена загриженост за одредени чекори во грчкото општество кои иритираат и поттикнуваат негативни чувства кон Република Македонија и истите не се од помош на целокупниот процес.
„Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека решението за кое преговара македонската влада треба да ги запазува државните и националните интереси и да не го загрозува националниот идентитет на Македонците“, соопштија од партијата.







