Сите дипломати од Амбасадата на Република Србија во Република Македонија се повлечени на итни консултации во Белград. До сега нема официјална информација која е причината за повлекувањето.
Македонското Министерство за надворешни работи информира дека биле известени од српската Амбасада оти персоналот ќе се повлече на консултации во Белград, но оттаму не знаат која е причината за тоа.
„МНР на Република Македонија доби нота од амбасадата на Република Србија во Скопје, со која сме известени дека персоналот на Амбасадата е повикан на консултации во Белград.
„МНР на Република Македонија не е запознаена со причините за оваа одлука и во тој правец воспоставува комуникација со МНР на Република Србија во насока на утврдување на причините за оваа постапка. Согласно релевантните одредби на Виенската Конвенција за Дипломатски односи, соодветните институции на Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на амбасадата на Република Србија во Скопје – истакнуваат од МНР.
Од македонското МНР велат дека воспоставуваат комуникација со МНР на Србија за утврдување на причините за оваа постапка.
Се очекува во текот на денот официјално објаснување да даде шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.
Српската амбасадорка Душанка Дивјак Томиќ за српските медиуми изјавила дека засега не може да ја коментира ситуацијата и најавила повеќе информации во текот на денешниот ден.
Од македонското Министерство за внатрешни работи, информираат дека по добиеното известување од МНР дека амбасадата на Србија се повлекува на консултации во Белград, по барање на амбасадата, превземени се мерки на зголемена безбедност на нивните објекти.







