Словенечките туристички сместувачки капацитети во мај забележаа речиси 600.000 пристигнувања на туристи. Остварени се нешто помалку од 1,4 милиони ноќевања. Податоците за првите пет месеци од оваа година, исто така, се подобри од лани.
Таканаречената мртва сезона на Блед беше за 25 отсто подобро посетена отколку лани. Таа туристичка дестинација многу добро се покажа за летните месеци.
„Резервациите и изнајмувањата до крајот на септември се слични како и минатата година, но минатата година беше исклучително добра. Не гледаме пад на побарувачката, дури и во светло на актуелното Европско фудбалско првенство и подоцнежните Олимписки игри“, рече Блаж Вебер, директор на „Туризам Блед“.
И во Бохињ очекуваат слична успешна летна сезона како и минатата година.
Во Копер очекуваат поголема посетеност од лани, додека другите приморски градови очекуваат реприза на минатогодишната успешна сезона.
Се разбира, многу нешта ќе зависат и од временските прилики, кои можат да ја расипат одличната, речиси стопроцентна, исполнетост.
Од Нова Горица и долината Випава веќе пристигнуваат информации за речиси целосно исполнети сместувачки капацитети во шпицот на сезоната.
Додека на некои места летната сезона само што започна, во градовите веќе силно се разгоре туристичкиот метеж. Во Љубљана избројале речиси 30 отсто повеќе гости од лани, а летово очекуваат 90 отсто исполнетост на сместувачките капацитети.
Во Марибор се обложуваат на добра посета за време на одржување на фестивалот „Лент“.
„Летните настани се исклучително важни за странските гости, затоа што имаат чувство дека Марибор е ‘жив град’“, објаснува Јуре Штруц, директор на Институтот за туризам во Марибор.
Љубљана и Марибор се повеќе ги посетуваат Полјаци, додека во сите словенечки дестинации се уште во врвот на странски гости се Германците, Италијанците и Австријците. А, и Американците повторно се враќаат.







