– Бројот на оздравени пациенти од КОВИД-19 во последните два дена е по над две илјади дневно, односно само за викендот оздравеле вкупно 4 125 лица. Во деноноќието меѓу саботата и неделата се регистрирани 190 нови случаи, од направени 1 530 тестирања.
Во истиот период починале шест лица, четворица пациенти од Скопје на 60, 74, 44 и 86-годишна возраст, еден 72-годишен од Куманово и еден 64-годишен пациент од Гостивар. Пациентите се починати во болнички услови.
Бројот на активни случаи во државата изнесува 12 635, од кои 58 проценти или 7 373 се во главниот град Скопје, по што следат Тетово со 466, Куманово со 452 и Кавадарци со 403.
Во болниците во Скопје и низ државата има вкупно 685 ковид пациенти, а според информациите од Министерството за здравство има околу 616 празни болнички кревети во ковид центрите.
Планот за вакцинација е подготвен, а следниот месец, според здравствените власти, се очекува да пристигнат првите дози вакцини во државава од „Фајзер“ и „КОВАКС“ механизмот.
Според министерот за здравство Венко Филипче, здравствениот систем е целосно подготвен за вакцинација. Веќе се пристигнати два фрижидера кои беа најавувани како донација за фајзеровата вакцина која се чува на -70 степени, а уште три се очекуваат во текот на следните недели. Во еден фрижидер може да се складираат 100 илјади дози вакцини.
Филипче најави дека за кратко време ќе биде склучен договорот со Фајзер од каде се очекуваат 5.850 дози во февруари, а по 17.500 во март и во април. Во февруари, тврди министерот, ќе пристигнат и вакцините преку КОВАКС механизмот, за коишто е направена уплата и е обезбеди соодветна гаранција. Вкупната количина на вакцина преку овој механизам за нашата држава изнесува 833.000 дози.
Според планот, во првата фаза на вакцинација се здравствените работници кои работат со ковид пациенти, вработените во лабораториите кадешто се прави дијагностика, штитениците на домовите за лица со посебни потреби и најстарите лица од возрасните групи над 70 години коишто имаат коморбидитети. Во втората група се останатите здравствените работници, вработени во критична инфраструктура – наставниците, вработените во градинките, новинарите и секако пациентите од другите возрасни групи коишто имаат хронични болести.