„Соединетите Американски Држави испраќаат повеќе воени бродови и авиони поблиску до Израел во знак на поддршка, рече министерот за одбрана Лојд Остин, и додаде дека САД ќе обезбедат оружје за Израел, а Пентагон ќе испрати дополнителни борбени авиони во регионот.
Остин посочи дека наредил преместување на ударната група на носачи на авиони „Форд“ и бродови во источниот Медитеран.
Некои се прашуваат дали постои каква било можност за директна интервенција на САД.
„САД многу веројатно директно ќе интервенираат со воздушни и поморски удари ако биде загрозен опстанокот на Израел“, изјави пензионираниот американски генерал со четири ѕвезди Бари Мекафри, пишува „Дневник.хр“.
Високиот американски воен функционер опиша дека таква ескалација веројатно ќе се случи само ако блискоисточните соседи на Израел се вмешаат во тоа.
„Однесувањето на другите земји во регионот, Сирија, Иран и Египет, исто така ќе игра улога“, рече Мекафри во гостувањето на Ен-Би-Си.
„Нашата поддршка за Израел ќе биде апсолутна. Ако видиме сириска воена интервенција и активна иранска воена интервенција, ќе влеземе во војна“, истакна Мекафри.
Зборувајќи за тоа дека САД објавија оти испраќаат ударна група носачи на авиони, вклучително Ф-35 и Ф-16, за да патролираат во источниот Медитеран и да ја одвратат сеопфатната војна во која се вклучени соседите на Израел, МекКафри објасни дека тие таму биле повеќе заради претстава на сила или потенцијална евакуација на цивилни лица.
Мекафри, кој учествуваше во Заливската војна и ја водеше Јужната команда на САД од 1994 до 1996 година, нагласи дека ова е негова сопствена проценка за конфликтот и дека апсолутно нема шанси некој американски функционер јавно да се согласи дека Америка може да се бори во Израел.
„Она што јас го зборувам е дека ако е во прашање постоењето на државата Израел, ако сириската војска интервенира, ако Хезболах почне да ги совладува Израелците, според мое мислење, во тој момент би разговарале за активна интервенција со воздушни силии со морнарицата“, рече тој.
„Меѓутоа, малку е веројатно дека САД ќе испратат војници во Израел, со оглед на копнените можности на израелските одбранбени сили“, додаде Мекафри.
Прашан дали другите сојузници на САД и Израел ќе се вклучат, Мекафри рече дека е премногу рано да се разговара за такво прашање само со директно инволвираниот Хамас.
„Мислам дека одвраќањето е она што во моментов го сака администрацијата на Бајден. Тие сакаат да бидат сигурни дека сириската војска и Хезболах не влезат во оваа битка. Ако го сторат тоа, тоа ќе биде смртна закана за постоењето на Израел“, рече тој.
(Фото: ЕПА)







