Ќе се отвори општинска канцеларија што ќе ги опслужува граѓаните од населените места Стопански Двор, Кисела Јабука, Ново Село, Волково, Пржина, Никиштани и Кучково во Волково, денеска вети кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од СДСМ Александар Наумовски.
„Граѓаните ќе можат на едно место да ги поднесуваат своите барања за сите сфери од надлежноста на општината. Примените барања и предлози ќе бидат администрирани од општината и преку истата канцеларија на општината ќе им бидат вратени одговори на граѓаните. На овој начин тие непосредно учествуваат во локалната самоуправа, рече Наумовски.
Тој рече дека ова го олеснува и решавањето на проблемот со легализацијата на земјиштето, со кој се соочува дел од општината поради немање планска документација, а граѓаните побрзо и полесно ќе ги доставуваат документите на едно место.
Наумовски нагласи дека планираат да организираат отворени денови, каде што жителите на Ѓорче Петров ќе добиваат информации за буџетските средства, отворено ќе ги споделат своите идеи со општинската администрација.







