Легендарниот француски фудбалер и поранешен тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, за радио Монте Карло изјави дека е многу блиску до враќање на тренерската позиција.
„Дали ми недостига тренерскиот костум? Не, но не сум далеку од тоа. Ќе почекаме уште малку. Наскоро, блиску сум да се вратам на тренерската работа”, изјави Зидан за престижното Радио Монте Карло.
Се шпекулира дека Французинот би можел да биде новиот тренер на Јувентус кога раководството на торинскиот гигант ќе реши да му врачи отказ на Масимилијано Алегри.
Зидан настапуваше за Јувентус од 1996 до 2001 година.
Како втора опција за Зидан се споменува француската репрезентација, откако Дидие Дешан после Мундијалот во Катар треба да ја напушти селекторската функција.
Зинедин Зидан од 2016 до 2018 година, а потоа и од 2019 до 2021 година беше тренер на Реал Мадрид.
Со „кралскиот клуб“ освои три последователни титули во Лигата на шампионите (2015, 2016, 2017), две титули првак на Шпанија (2017, 2020), два шпански Суперкупа (2017, 2020), два европски Суперкупа (2016, 2017) и две светски клупски првенства (2016, 2017).
(Фото: ЕПА)







