Шеесет години откако заживеа, малиот комунистички источногермански автомобил „Трабант 601“, кој се прослави во времето на падот на Берлинскиот ѕид, е баран олдтајмер, а неговата цена брзо расте.
„Просечната цена на добро сочуваниот ‘Трабант 601’ се искачи на околу 7.300 евра и неговата вредност постојано му се зголемува““, вели експертот Герд Хајнеман од германската компанија „ББЕ Аутомотив“.
Тоа е неверојатен пресврт за автомобилот кој некогаш беше глобален предмет за потсмев поради неговиот слаб двотактен мотор и облаците од смрдливи издувни гасови.
„Трабант 601“ стана икона во 1989 година кога стотици автомобили почнаа да се тркалаат преку границата помеѓу тогашната Источна и Западна Германија.
Многу љубители на автомобили не беа воопшто воодушевени од неговите 23 коњски сили, воздушното ладење, „вртоглавата“ максимална брзина од 100 km/h и каросеријата од пластика.
Затоа, неговата привлечност лежи во двата предни, големи, тркалезни фарови кои му даваат симпатичен изглед како во цртаните филмови.
Во комунистичка Источна Германија имало недостиг на метал, па производителите на „Трабант“ каросеријата ја правеле од тврда пластика, Дуропласт, која е слична на бакелит.
На почетокот на март 1964 година, фабриката за автомобили „ВЕБ“ (VEB Sachsenring Automobilwerke) за прв пат на меѓународната јавност и го претстави „Трабант 601“, на пролетниот саем во Лајпциг.
Тоа беше помодерна верзија на „Трабант“ кој првпат излезе од производната линија во 1957 година.
„Траби 601“ е продаден во повеќе од 2,8 милиони примероци и се произведуваше се до 1991 година. Во типична пастелно сина, поларно бела или зелена боја, можеше да се види на дело од Источен Берлин до северниот остров Риген.
Податоците добиени на германскиот авто клуб покажуваат дека бројот на регистрирани „Трабант 601“ расте веќе отприлика 10 години.
Во 2014 година имало нешто повеќе од 32 илјади, а лани била надмината бројката од 40 илјади.Четири петтини од нив се на истокот на земјата.
За тоа што во Германија има се повеќе „Трабанти“, заслужен е повторниот увоз, објаснува експертот Хајнеман.
Многу од автомобилите се вратени од поранешните комунистички земји како Полска и Унгарија, каде што некогаш биле исто така беа чести.
Денес им е најпопуларен на „направи сам“ механичарите и на оние кои се носталгични по деновите на поедноставното возење.
Автомобилот може лесно да се поправи, па еден добар сет на алатки е доволен за се што ќе се расипе.
Но, не сите го делат ентузијазмот на љубителите на „Трабант“.
Германската еколошка организација „Дојче Умвелтлиф“ (Deutsche Umwelthilfe) е загрижена поради издувните гасови на двотактните мотори. Автомобилот работи на еколошки несоодветна мешавина од моторно масло и бензин и, се разбира, нема катализатор за согорување на штетните емисии.
Главните проблеми се нецелосно согорените јаглеводороди и јаглерод моноксидот.
„Повикуваме на забрана за возење стари и нови возила без ефективно прочистување на издувните гасови“, се вели во соопштението на организацијата.
Но, „Трабантите“ и другите класични автомобили се регистрирани како олд тајмери (историски возила), па можат да се возат во зони со ниски емисии во големите градови каде што вообичаено важат строгите прописи за чистотата на воздухот.
„Тоа не е оправдано, бидејќи придонесуваат за загадувањето на воздухот, а со тоа и за опасности за здравјето“, тврдат од „Дојче Умвелтлиф“.
Во меѓувреме, многу „Трабанти“ редовно се гледаат на улиците на Берлин, каде што една компанија за изнајмување автомобили, недалеку од поранешниот граничен премин „Чекпоинт Чарли“, им ги издава на туристите.
Тоа е потсетник на тие славни денови на повтореното обединување на Германија во ноември 1989 година, кога тие автомобили и нивните сопственици беа срдечно пречекувани низ Западна Германија. Берлинскиот ѕид се рушеше среде облак остар чад што извираше од издувните цевки тенки колку еден прст.







