Израелската полиција утринава соопшти дека во текот на ноќта интервенирала во џамијата Ал Акса, во источен Ерусалим, за да ги истера „бунтовниците“ кои таму донеле „пиротехнички средства, стапови и камења“.
Осудувајќи го „незапаметеното злосторство“, палестинското исламистичко движење Хамас, што е на власт во Појасот Газа, ги повика Палестинците на Западниот Брег „да се упатат во голем број во џамијата Ал Акса за да ја одбранат“.

Џамијата Ал-Акса се наоѓа на Платото на џамиите, третото најсвето место за исламот во Источен Ерусалим, палестинскиот сектор на Стариот град што Израел го окупираше и анектираше.
Платото е подигнато на местото кое Евреите го нарекуваат Брдо на храмот (или Планина на храмот), најсветото место за нив.
Судирот се случува непосредно пред средината на Рамазан, додека Евреите се подготвуваат да ја прослават Пасха вечерва, а израелско-палестинскиот конфликт повторно се шири од почетокот на годината.
Израелската полиција објави видео клип во траење од педесетина секунди, на кој може да се забележи експлозија на местото за богослужба, најверојатно од пиротехнички средства, а се гледаат и силуети на луѓе кои фрлаат камења.

На друга полициска снимка се гледа како интервентната полиција влегува во џамијата, штитејќи се од петарди.
После веста за судирот во Ал Акса, од северот на Појасот Газа биле истрелани неколку ракети кон израелска територија, соопштија новинарите на АФП и очевидци.
(Фото: АФП / Мохамед Абед)







