Најмалку 30 луѓе загинаа, а 100 се повредени кога воз излета од шините во јужен Пакистан, потврди портпаролот на полицијата, а пренесува Би-Би-Си.
Неколку вагони на „Хазар Експрес“ се превртеа во близина на железничката станица Сахара во Навабшах, на околу 275 километри од најголемиот град Карачи.
Повредените патници се префрлени во блиските болници.
Спасувачките екипи се обидуваат да ги ослободат луѓето од вагоните.
Несреќите на застарениот железнички систем во Пакистан не се невообичаени.
Еден патник кој преживеал изјави за Би-Би-Си дека видел многу жени и деца како лежат на земја.
„Викаа и врескаа. Не знаев што да правам. Ги наполнив рацете со вода од блискиот канал и ги истурив на лицата на оние кои беа во несвест, надевајќи се дека ќе се освестат“, рече Насер Ахмед.
Насер вели дека ја преживеал несреќата бидејќи „испаднал од прозорецот кога возот излетал од шините“.
„Спиевме кога наеднаш возот се преврте и се почувствувавме како да е апокалипса“, раскажа Аслам, кој бил во возот со својот син.
Министерот Саад Рафик рече дека првичната истрага покажала дека возот се движел со нормална брзина и дека се прават напори да се утврди што довело до излетувањето од шините.
Тоа, истакна тој, може да биде резултат на механички дефект или саботажа.
Властите ги отфрлија тврдењата дека пругата е поплавена.
Портпаролот на железницата во Карачи изјави дека од шините излетале осум вагони.
(Фото: Асиф Хасан/АФП)







