Невремето проследено со грмотевици што ги зафати низините на југот на Америка и планините Озарк уби најмалку 24 луѓе во четири сојузни држави и уништи стотици згради, а синоптичарите предупредуваат на дополнително влошување на времето.
Бројот на загинати за време на викендот вклучува најмалку осум смртни случаи во Арканзас, седум во Тексас, четири во Кентаки и два во Оклахома, според податоците на државните служби за Итна медицинска помош.
Гувернерот на Кентаки, Енди Бешеар, вчера прогласи вонредна состојба, додека Националната метеоролошка служба соопшти дека за делови од Џорџија и Јужна Каролина е издадено предупредување за врнежи од дожд и грмотевици и тоа ќе е во сила најмалку до следниот понеделник попладне.
Поради невремето без струја останаа околу 300.000 луѓе во седум сојузни држави.
„Тоа беше тешка ноќ за нашиот народ“, објави вчера гувернерот на Кентаки на социјалната платформа „Х“. Подоцна на брифингот за новинари изјави дека разорните бури ја погодиле речиси целата држава.
Надлежните соопштија дека во невремето се оштетени 100 државни автопатишта и патишта.
Силен град го погоди Тексас, а снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат како ледени топки со молневита брзина паѓаат од небото.
Националната метеоролошка служба предупреди на дополнителни бури во долините на Охајо и Тенеси, кои ќе донесат силни ветрови, град, торнада и обилни дождови кои би можеле да предизвикаат поројни поплави.
Најновите екстремни временски услови доаѓаат само неколку дена откако силно торнадо профуче низ град во Ајова, убивајќи четири лица.
Истовремено, метеоролозите најавуваат дека екстремно високи температури ќе го зафатат Тексас, каде се очекуваат и до 49 степени Целзиусови.
Во меѓувреме, САД се подготвуваат за она што владините прогнозери го нарекоа потенцијално „вонредна“ сезона на урагани во Атлантикот која започнува на 1 јуни.
(Фото: АФП, „Х“)







