Веќе трета недела беснеат пожари низ Македонија. Пожарот кој започна кај новите градски гробишта во близина на манастирот Трескавец во прилеп сè уште е активен, информира Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека во текот на вчерашниот ден пожарот се обновувал во неколку наврати и во близина на манастирот Трескавец, каде постојано дежура цистерна и една група од ангажираните пожарникари и работници.
Активни пожари има во општина Македонски брод, во село Грешница и во село Растеш. Пожарот во атарот на село Волче е активен, но таму нема сили на теренот.
Се уште гори и во кичевско, на Бистра планина е активен пожар во кој горат пасиште, сува трева и смрека.
Опожарената површина е високо на планината и е тешко пристапна за интервенции. Во повардарскиот регион има пожари во општина Чашка. Во општина Прилеп сè уште е активен пожарот во село Никодин и настанато е спојување со пожарот од Велес.
Поради непристапниот терен, засилениот ветар и високата температура, повторно е разгорен кон с.Крушевица. Во тетовскиот реон гори кај село Копанце, општина Јегуновце, а активен е пожарот кај село Гургурница, општина Брвеница.







