„Најголемите проблеми се зад нас, се движиме во вистинска насока, а патот што го избравме ни гарантира подобро утре.Тоа е патот на раст на платите, на градежната офанзива, патот преку кој парите одат кај граѓаните. Тоа е патот на сигурност, безбедност и слобода – патот до НАТО и Европската Унија“, истакна денеска генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, најавувајќи го новиот концепт и систем на работа на партијата, со што дополнително ќе се интензивираат активностите и средбите со граѓаните во периодот што следи.
Под слоганот „На прав пат“ СДСМ започнува карван на отворени, јавни трибини со граѓаните низ републиката.
„Сите ваши предлози и сугестии, што ги дадовте за време на маалски и урбаните средби, како и сите предлози што ќе произлезат од овие трибини ќе ги вградиме во нови мерки и политики. Приклучете се на вистинскиот на правиот пат, заедно, за економски раст, напредок, интеграција, повеќе пари и повисок животен стандард за сите граѓани“, апелираше Николовски до граѓаните.
Нагласи дека СДСМ продолжува да се менува, да креира нови политики во интерес на граѓаните.
„Знаеме дека има уште многу работа, дека има предизвици, нерешени проблеми, но ова е начинот, ова е вистинскиот пат. Како што доликува на државотворна, модерна, европска партија, ние сме меѓу граѓаните постојано, а не само пред или за време на избори“, рече генералниот секретар на СДСМ.
Одговарајќи на новинарско прашање околу тоа дали ребребрендингот на партијата отвара простор за одржување на предвремени парламентарни избори, Николовски наведе дека најдобро време за одржување на парламентарни избори е во октомври 2020 година, потенцирајќи дека владејчката партија е целосно подготвена во кој било момент да се одржат избори.
„Партијата ќе биде спремна во било кој момент за избори во којшто знам дека ќе ја донесе најсилната победа, и во тоа сме убедени. Но, оставаме можност понатаму пред се наша цел е придобивките и бенефитите од членството во НАТО, од интегративните процеси, од сите мерки и политики граѓаните да ги видат во реалниот живот и убедени сме дека тоа ќе се случи и затоа сметаме дека најдобриот тајминг е октомври 2020
година, бидејќи го имаме Законот за попис којшто има свој останати импликации во овој дел за 2020 година, отворено е прашањето за изборниот модел, така ние како најголема политичка структура и најголема коалиција како и досега, во наредниот период многу поинтензивно ќе бидеме со граѓаните без оглед дали следат или не следат брзи или редовни парламентарни избори“, истакна Николовски, одоговарајќи на новинарското прашање околу тоа дали ребребрендингот на партијата отвара простор за одржување на предвремени парламентарни избори.
Генералниот секретар нагласи дека СДСМ е подготвен во секое време за избори и дека не станува збор за изборна кампања.
„Ние направивме пресек на сето она што го имаме исполнето, реализирано од нашата изборна кампања од изборните кампањи на нашите тогаш кандидати за градоначалници, односно на целокупниот капацитет на одговорноста којашто ја имаме и затоа сметаме дека секојдневно треба да бидеме во контакт со граѓаните, да ги информираме за сето она што е реализирано, да ги слушнеме идеите, предлозите и
сугестиите“, наведе Николовски.
Потенцираше дека интензитетот на активности на партијата ќе биде силен.
„Жалам што постојани се обидите на опозицијата да не кочи за во НАТО и ЕУ, да ги кочи растот на платите и сето она што е добро за граѓаните, затоа воопшто нема ниту да ги коментирам, туку ќе бидам целосно фокусиран на системот на СДСМ коишто е систем пред се за исполнување на потребите на граѓаните“, рече Николовски.
На новинарското прашање, што значи дека не се исклучува можноста и на пролет да има избори, генералниот секретар на СДСМ рече оти тие се целосно подготвени и оти системот на функционирање ќе биде целосно подготвен да одговори на сите потреби на граѓаните.
„Затоа сум сигурен дека во било кој еден момент да има избори, ние сме целосно подготвени, но пред се е интересот на целата земја и интересот на граѓаните во тој поглед“, заклучи Николовски.







