Дополнителни 6.000 денари за хектар пченица или 2 милиона евра повеќе од досегашните субвенции, дополнителен еден денар за килограм продаден јачмен кај регистрирани откупувачи поради штетите и ниските приноси од годишната жетва, дополнителни 10 отсто од висината на досегашните субвенции за градинарите и дополнителни 10 проценти по хектар фуражни култури за сточарите, предвидуваат измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој што ја усвои Владата на синоќешната седница.
Како што соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, согласно измените, дополнителна поддршка од 10 отсто за хектар ќе добијат и 25.000 лозари и 15.000 овоштари.
„Со овие измени директно им излегуваме во пресрет на земјоделците, а проектираните вкупно 10 милиони евра поддршка ќе отидат во рацете на вистинските овоштари, лозари, сточари и полјоделци. Тоа ќе значи поддршка на домашното производстсво на храна“, нагласи Николовски на прес-конференција.
Министерот инфорира и дека е усвоен предлогот да се обезбедат 10 илјади евра неповратни средства за младите земјоделци.
„Распишуваме оглас за пријавувње на млади земјоделци, а новите критериуми за аплицирање кои денес ги потпишуваме со Правилник, ќе помогнат средствата да завршат кај вистинските земјоделци, кај вистинските производители“, потенцира Николовски.
Поради пропуст на минатата Влада, како што истакна министерот, донесена е одлука за субвенции за подигнување повеќегодишни насади.
„Со оглед дека рокот од 29 февруари воопшто не бил објавен, им излегуваме во пресрет на земјоделците кои извршиле есенско подигање на насади во 2016 година и на оние што извршиле пролетно подигање во 2017 година. Сите тие ќе можат да поднесат барање за субвенции до 1 септември“, рече министерот за земјоделство Николовски.
Овие две нови мерки во Програмата за рурален развој, подвлече, ќе овозможат директен трансфер на 6 милиони евра и ќе се реализираат до 31 декември оваа година.







