Спорот за името е високо на агендата на владата во Скопје и затоа има нов импулс во напорите за решавање на проблемот, изјави специјалниот претставник на Обединетите нации за прашањето за името меѓу Грција и Македонија Метју Нимиц.
„Владата во Скопје е подготвена да ја реактивира својата надворешна политика во регионот и очигледно прашањето за името е важна пречка на патот кон европската интеграција и членството во НАТО.
„Значи, ова е високо прашање на нивната агенда и затоа мислам дека има нов импулс – изјави Нимиц за Независната балканска новинска агенција (ИБНА).
Нимиц потсети дека беше во Скопје, а разговараше и со грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас и најави дека ќе биде во контакт со двете страни во следните месеци со цел да се развие нов план за движење напред.
Тој рече дека во овој момент не дал никакви предлози.
„Имаше предлози во минатото и сметам дека сега е време да се зборува за некои основни концепти пред да стигнеме до предлози – изјави Нимиц.
Нимиц во понеделникот во Брисел се сретна со министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, кој го информирал медијаторот за ставот на Атина по средбите кои грчките власти ги имале со новата Влада на северниот сосед.
„ Се договоривме да останеме во контакт и да бараме начини со кои можеме да отвориме процес за да се најде решение – изјавил Коѕијас.
Нимиц на почетокот на месецов беше во посета на Скопје при тоа имаше средби со македонскиот државен врв.







