И Европа, како и САД, може да биде мета на интерконтиненталните балистички ракети на Северна Кореја. На тоа вчера укажа министерката за одбрана на Франција, Флоранс Парли, која истакна дека со истрелувањето на проектилот „џвасонг 15“ во средата утрината, Пјонгјанг ја покажа својата растечка сила. Француската министерка прецизираше дека целите најнапред би можеле да бидат главните градови во западна Европа.
Заговарајќи продолжение на меѓународните санкции за Северна Кореја, таа изјави дека е важно целиот свет да ги спроведе тие санкции, вклучувајќи ги и Русија и Кина.
САД најавија дополнителни санкции за Северна Кореја, а Ники Хејли, амбасадорката на Вашингтон при Обединетите нации, ја повика Кина, која е прв економски партнер на Северна Кореја, да ја запре испораката на нафта на таа земја. САД сите земји ги повикаа на прекин на дипломатските и трговските односи со Северна Кореја.
Хејли се закани дека режимот во Пјонгјанг во случај на војна ќе биде потполно уништен.
Русија тој повик веднаш го отфрли и ги повика присутните на преговори и го обвини официјален Вашингтон дека „го провоцира“ Пјонгјанг.
„Не се сложуваме. Повеќе пати повторувавме дека притисокот со санкциите е истрошен и дека сите резолуции за санкциите зборуваат за потребата од покренување на политички процес и преговори“, изјави министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, и наведе дека Американците тоа го игнорираат, што е голема грешка. Неодамнешните чекори на САД, истакна Лавров, делуваат како да имаат за цел да го предизвикаат Пјонгјанг на остри реакции. Тој смета дека изгледа дека се прави се за да побесни Ким Јонг-Ун.
„Американците треба на сите да им објаснат што сакаат да постигнат. Ако сакаат да пронајдат повод за уништување на Северна Кореја тоа отворено треба да го кажат и тоа нека го потврди нивната врховна команда“, заклучи Лавров.
Русија го осуди најновото лансирање на ракетата, истакнувајќи дека Северна Кореја не може да ја признае за нуклеарна сила. Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, ја повика Северна Кореја да ги запре нуклеарните и балистички проби.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно на Твитер го критикуваше севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун после најновото тестирање на ракетата на Пјонгјанг.
„Кинескиот пратеник кој штотуку се врати од Северна Кореја изгледа дека немаше влијание на „малиот ракетар“, порача Трамп на Твитер, користејќи го прекарот што му го даде на Ким Јонг.










