Европскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) објави дека Турција ја погоди уште еден разорен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала.Подоцна неговата јачина беше корегирана и беше соопштено дека земјотресот бил со јачина од 7,5 степени по Рихтер.
Новиот потрес земјотрес ја погоди областа околу Кахраманмараш, малку посеверно од Газиантеп, во 10.24 часот по ГМТ.
На социјалните мрежи се појавуваат нови потресни снимки на кои се гледа како луѓето бегаат во моментот на новиот удар.
Сеизмолозите потоа се огласија за да појаснат дека не сеработи за истиот земјотрес што ноќта ја погоди Турција.
Како што јави Ројтерс, новиот разорен земјотрес се почувствувал и во Дамаск.
Главниот град на Сирија е значително појужно од подрачјето околу Алепо, кое првично беше погодено од земјотресот во текот на ноќта.
Во други извештаи стои дека благи потреси биле почувствувани во Дохук, Ербил и Мосул во Ирак, додека некои корисници на социјалните мрежи забележале дека се почувствувал низ Турција, вклучувајќи ја и Анкара.
„Знаеме дека е тешко да се следи, но после синоќешниот земјотрес со јачина од 7,8 степени, Турција штотуку ја погоди уште еден земјотрес со јачина од 7,7 степени по Рихтер.Ова ќе ја зголеми штетата и дополнително ќе го закомплицира спасувањето.Нашите мисли се со сите погодени луѓе и нивните најблиски“, напишаа од ЕМСЦ на Твитер.
Според првите информации, епицентарот бил на околу стотина километри северно од ноќниот земјотрес.
„12 минути подоцна следеше уште еден силен последователен потрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала“, додадоа од ЕМСЦ.
Во првиот земјотрес загинаа најмалку 1.300 луѓе
Досега е потврдено дека во Турција и Сирија загинаа најмалку 1.300 луѓе.
Првиот земјотрес со магнитуда од 7,8 степени ги погоди средишна Турција и северозападна Сирија.
Според американскиот сеизмолошки завод, потресот се случил во 4.17 часот по локално време на длабочина од приближно 17,9 километри.
Епицентарот на земјотресот бил во областа Пазарџик, во провинцијата Кахраманмарас на југоисток од земјата, на околу 60 километри водушно од границата со Сирија, а почувствуван е и на Кипар и во Либан.
„Не сум доживеал вакво нешто во моите 40 години“, рече Ердем, жител на турскиот град Газиантеп, во близина на епицентарот на земјотресот.
„Се тресевме како бебиња во лулка“, додаде тој.







