Доналд Трамп и неговата семејна фирма денеска ќе се соочат со судење во Њујорк за случај на измама кој би можел да нанесе голема штета на поранешниот претседател на САД и на неговата империја за недвижности.
Обвинителката на државата Њујорк, Летиција Џејмс, го обвинува Трамп, фаворитот за претседателска номинација на републиканците во 2024 година, дека ја надувал вредноста на својот имот за милијарди долари за да обезбеди подобри услови за заеми и осигурување.
Трамп планира да присуствува на првата недела од судењето во државниот суд на Менхетен, се наведува во судскиот поднесок.
Судењето доаѓа една недела откако судијата кој го води случајот го прогласи Трамп за одговорен за измама, и главно ќе се однесува на казните со кои мора да се соочи.
Џејмс бара најмалку 250 милиони долари парична казна, трајна забрана за Трамп и неговите синови, Доналд Јуниори Ерик, да водат бизнис во Њујорк и петгодишно ограничување за работење со комерцијални недвижности од страна на Трамп и неговите компании.
Трамп вели дека случајот е дел од политичкиот лов на вештерки.
Судијата Артур Енгорон минатата недела пресуди дека Џејмс го докажала случајот за измама против Трамп, неговите двајца возрасни синови и 10 негови компании.
Енгорон со остри зборови опиша како тие измислувале проценки.
Тоа вклучувало зголемено вреднување на Трамп на својот стан во „Кулата Трамп“ како да е три пати поголем.
„Ваквото отстапување од страна на инвеститор кој со децении го проценува својот животен простор, може да се смета само за измама“, рече тој.







