Стотина ученици од основните училишта „Илинден“ и „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка и ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ од Ранковце ќе учествуваат на денешната манифестација посветена на 3 декември, Светски ден на лицата со попреченост.
Настанот е во организација на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ , во координација со Меѓуопштински центар за социјални работи од Крива Паланка.
„И годинава традиционално организираме голем хепенинг на кој покрај ученици од двете општини, кои ќе музицираат и изведат драматизации, поканети се и корисниците од Дневен центар за лица со попреченост од Крива Паланка, претставници до јавните институции и предучилишните установи, а покрај денешниот централен настан, во рамки на одбележувањето на 3 декември посетени се и три семејства со деца со интелектуална попреченост и распишан е конкурс за ликовни и литературни творби, посветени на овој меѓународен ден, на кој учествуваа над двесте деца, истакна Михајло Колевски од „Порака“.
Централниот настан ќе се одржи во спортската сала на ООУ „Х.Т. Карпош“ во Ранковце, а на истиот ќе бидат доделени награди и пофалници за најдобро оценетите ликовни творби, поезија и проза.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на лица со попреченост годинава се совпаѓа со единаесетгодишнината од усвојување на Конвенцијата за права на лица со попреченост од страна на ОН и шест години од ратификација на истата од страна на РМ. Со комплетна примена на оваа Конвенција се признава автономијата на лицата со пречки во развојот, нивната самостојност, инклузија, пристапност.
„На локално ниво, во изминатиот период е направен исчекор во смисла на имплементација на законските прописи со кои се остваруваат правата и услугите на лицата со попреченост во смисла на рано дијагностицирање и остварување права согласно законите. Децата со интелектуална попреченост се интегрирани со нивните врсници во предучилишното и основно образование, а недостасуваат логопед и асистент кои ќе работат со нив. Од друга страна, пак, остварувањето право на бесплатна здравствена заштита сеуште не е целосно поради недоследности, а веќе пет години се реализира проектот на МТСП за летување и зимување на оваа популација дечиња, што е позитивно, во секој случај, дополни Колевски.
Годинашниот Меѓународен ден на лица со попреченост се одбележува под мотото „Трансформација кон одржливо и прилагодливо општество за сите“.







