Американската управа за храна и лекови (ФДА) го одобри новиот лек на „Астра Зенека“ против корона вирус – „Евишелд“.
Станува збор за коктел од антитела кои спречува заразување на лица со ослабен имуитет и на оние кои имале силни нус појави од вакцинацијата.
Лекот е одобрен само за возрасни и адолесценти кои до сега не биле заразени, ниту биле во контакт со заразени.
Како што пренесува „Глас на Америка“, истражувањата покажале дека лекот „Евишелд“ спречува заразување со ковид-19 во 77 отсто од случаите.
Предвидено е лекот да се дава во две инекции, а заштитата трае од седум месеци до една година.
„Иако вакцините се најефикасна заштита од ковид, на луѓето со ослабен имунитет и на оние кои лошо реагирале на вакцините им е потребна алтернатива“, рече една од директорките на ФДА, Патриција Кавазони.
Од ФДА, сепак, додаваат дека лекот на „Астра Зенека“ не е замена за вакцинацијата на лицата на кои вакцината им е препорачана.
Коктелот со антитела може да спречи, во раната фаза, да се развие тешка клиничка слика од корона вирусот.
Слични лекови веќе прават и Ели-Лили, Реџенерон и Глаксо Клајн.







