Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, еден од најголемите сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, може да ја заврши војната во Украина доколку победи на претседателските избори во САД во 2024 година.
„Постои човек на Запад кој би можел да придонесе за постигнување мир во Украина. Се работи за Доналд Трамп“ изјави Орбан во петокот за унгарската радио станица „Кошут Радио“.
„Унгарија би сакала на чело на САД да види личност која се залага за мир“, додаде унгарскиот премиер.
Орбан е голем поддржувач на Трамп, а претходно изјави дека Русија немаше да ја нападне Украина доколку тој победеше на претседателските избори во Америка во 2020 година.
Откако Трамп неодамна изјави дека не е виновен за ниту една од 37-те точки од обвинението на федералната влада за незаконско постапување со тајни документи, Орбан преку социјалната мрежа Твитер му испрати порака за поддршка.
Минатиот месец, за време на говорот што го одржа на Конференцијата за конзервативна политичка акција во Будимпешта, Орбан повика на враќање на Трамп во Белата куќа.
„Вратете се, господине претседателе, направете ја Америка повторно голема и донесете ни мир“, рече унгарскиот премиер.
Конференцијата е собир кој Американската конзервативна унија го организира уште од 1974 година.
Освен што го поддржува Трамп, Орбан е и голем приврзаник на Владимир Путин, што го покажа кога неколкупати се обидуваше да ги олесни или блокира санкциите што Европската унија ги воведе кон Русија поради инвазијата на Украина нарачана од рускиот претседател на крајот на февруари 2022 година.
(Фото: АФП)







