Реформите во здравството се тешки, напорни, но и скапи, а клучен предизвик е обезбедувањето финансиска поддршка за нивното спроведување, истакна заменик-претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на средбата со новиот министер за здравство, Венко Филипче.
На средбата беа отворени прашањата за предизвиците на здравствениот систем, предвидените реформи на новиот министер, но и можноста за соработка меѓу Министерството за здравство и Секретаријатот за европски прашања, особено во делот на странската помош наменета за здравствениот систем.
„Како поранешен министер, но и како доктор, свесен сум за големината на предизвиците на здравствениот систем за чие справување ја имате целосната моја поддршка, но и поддршката од Секретаријатот за европски прашања за справување со потребните реформи“, истакна Османи на средбата.
Тој додаде дека е запознаен со фактот дека приближувањето кон Европската Унија не значи само спроведување болни реформи, туку и придобивки од приближувањето кон европските вредности и стандарди. Напредокот во приближувањето кон ЕУ значи и напредок во остварување европско здравство, европски стандарди во здравството, што претставува една од најважните европски перспективи на Македонија“, истакна Османи додавајќи дека со оптимизам гледа на соработката со новиот министер за здравство, Филипче, за успешна апсорпција на целата расположлива странска помош за здравството во Република Македонија.







