Наредната 2018 година претставува историска година за Република Македонија по прашањето на нашите интеграции и за овие наши амбиции очекуваме поддршка од страна на Хрватска. Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на денешната средба во Загреб со неговата колешка вицепремиер и министер за надворешни работи и европски прашања Марија Пејчиновиќ-Буриќ, во рамките на неговата прва официјална посета на Република Хрватска.
Како што соопшти СЕП, на средбата беа отворени темите за билатералната соработка меѓу двете земји, процесот на проширување и европската перспектива на регионот, како и хрватската поддршка за интеграциите на Република Македонија во ЕУ и НАТО.
Соговорниците, се додава, ги потенцираа добрите билатерални односи меѓу двете земји, како основа за остварување на уште подлабока соработка, размена, како и меѓусебна поддршка за политичките амбиции. Вицепремиерот Османи се осврнал на европските перспективи на регионот во контекст на евроинтегративните процеси во Македонија. Тој ја потенцирал новата политичка енергија во насока на европскиот оптимизам кој се создаде со формирањето на новата Влада во Македонија, а која граѓаните, се посочува, ја потврдија и на последните локални избори, покажувајќи силна наклонетост кон европските партии и коалиции.
„Овој нов моментум обезбеди поттик за Владата за имплементација на зацртаните реформи и храбро адресирање на отворените политички прашања. Очекуваме, нашиот придонес да резултира и со конкретни чекори од страна на Европската Унија и НАТО во насока на визибилноста на нашите европски и евроатлантски перспективи. 2018 година претставува историска година за Република Македонија по прашањето на нашите интеграции и за овие наши амбиции очекуваме поддршка од страна на Хрватска – истакна Османи на средбата.







