Исландската полиција не дозволува никому да се доближи до вулканот на полуостровот Рејкјанес, на југозападот на Исланд, бидејќи тој од понеделникот кога еруптираше исфрла „токсични гасови опасни по живот“, пишува „Ен-Би-Си“.
На жителите на Рејкјанес им било кажано дека би било подобро да спијат со затворени прозорци и да не користат вентилатори и климатизери.

„После консултација со научници, полицијата одлучи да го ограничи пристапот до вулканот затоа што во негова близина има отровни гасови опасни по живот“, соопшти во понеделникот вечерта Одделот за цивилна заштита и управување со вонредни ситуации при Министерството за правда на Исланд.
„Сосема е веројатно гасовите поради слабиот ветер да се соберат околу вулканот.
Оние кои се упатени кон него или веќе се таму, ги советуваме веднаш да го напуштат просторот“, додаваат од Одделението за цивилна заштита.

Да потсетиме, споменатиот вулкан, кој се наоѓа во близина на главниот град на Исланд, Рејкјавик, еруптираше во понеделникот после интензивна сеизмичка активност.
„Во овој момент тоа е многу мала ерупција“ изјави Метју Робертс од Исландската метеоролошка служба.
Сликите и видео снимките кои завчераноќ од местото на настанот ги објави новинската агенција РУВ покажаа лава и чад кои извираат од пукнатината во земјата на страната на планината Фаградалсфјал.
Ен-Би-Си јавува дека пукнатината вчера се намалила и дека од неа повеќе не блика лава.

(Фото: АФП – Кристин Магнусон/Џереми Ричард)







