Во голема акција на српското Министерство за внатрешни работи, разузнавачката служба БИА и Службата за борба против организираниот криминал на крајот на минатата недела, уапсени се припадници на т.н. „Врачарски клан“ (маало во Белград), огранок на „Кавачкиот клан“ кој го води Радоје Звицер.
Се претпоставува дека по овие апсења може да се дознае повеќе за активностите на овие две криминални групи.
Српското обвинителство за организиран криминал покрена обвинение против 38 лица, а 17 од нив се приведени. Неодамна, пишува „Блиц“, неофицијално беше откриено дека планирале ликвидација на началникот на белградската полиција Веселин Милиќ.
„Сега кога ќе го убиеме Веселин Милиќ, ќе го вратиме Мексико во Белград“ и „после тоа никој ништо нема да ни може“, се вели во дел од пораките кои преку криптирани телефони си ги разменувале членовите на кланот.
Началникот на Службата за борба против организираниот криминал, Нинослав Цмолиќ, за РТС изјави дека повеќе од една година ја следат оваа криминална група и дека индициите што ги пронашле, како и сознанијата што ги имаат врз основа на следењето на апликацијата „Скај“, благодарение на Европол и другите европски полиции, покажале дека тие планирале ликвидација на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Во акцијата не е уапсен лидерот на кланот, Никола Вушовиќ, познат по прекарот „Луди Џони“ или „Кривиот Џони“, бидејќи во ногата има железна прачка. Тој успеал да побегне и за него е распишана меѓународна потерница, пишува белградски „Блиц“.
Порталот „Нова.рс“, пак, повикувајќи се на неименувани извори и на одделни српски медиуми, пишува дека Вушовиќ е соработник на „Кавачкиот клан“ и дека тој бил „специјализиран за комплицирани убиства“.
Во Србија тој се бараше за „завршување на кривична постапка за недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и експлозивни материи“, но сепак беше ослободен.
Според „Нова.рс“, тој директно не соработувал со криминалната група на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, кои се истурена станица на „Кавачкиот клан“ во Србија.
Вушовиќ беше уапсен во Доминиканската Република во март 2021 година, но не беше екстрадиран во Србија, туку беше пуштен од екстрадиционен притвор. Покрај Вушовиќ, групата ја предводел и Урош Пиперски, кој е уапсен во Португалија.
Еден од најистакнатите членови на групата од Врачар е и Лука Церовиќ, кој неодамна им се предаде на истражните органи. Церовиќ, според оперативните информации, бил задолжен за организирање на меѓународен шверц на дрога. Тој се барал за сторено кривично дело – изнуда.

Уште еден значаен член на кланот, Дарио Ѓорѓевиќ – Декстер, е во притвор во Австрија, а во акцијата се уапсени Недељко Тодоровиќ, Лука Церовиќ, Александар Милошевиќ, Александар Наумовски, Владан Микетиќ, Дарко Миклетиќ, Џоџе Кнежевиќ, Иво Букљаш, Јован Бошњак, Никола Качаревиќ, Марко Тациќ, Никола Божиловиќ, Рајко Топиќ, Стеван Мандариќ, Драшко Николиќ и Никола Вукојевиќ.
Во бегство се сеуште Рашо Бан, Јовица Совиљ, Милош Павловиќ, Никола Милековиќ, Никола Филиповиќ, Петар Јевтиќ, Радивоје Јовановиќ, Иван Билетиќ, Војин Ступар, Милош Андрејевиќ и Александар Остојиќ, пишува „Нова.рс“.
Групата од Врачар се занимавала со шверц на кокаин од Јужна Америка, кој бил транспортиран во Виена и Барселона, а оттаму во земјите на Европската унија и во Србија. Со така заработените пари подготвувале и вршеле ликвидации.
Белградски „Блиц“ наведува дека Обвинителството води истрага поради основано сомнение дека членовите на оваа организирана криминална група, чии организатори се Никола Вушовиќ и Урош Пиперски, од почетокот на 2019 година до 11 ноември 2022-ра, од користољубие и други ниски побуди, на подмолен начин ги убиле Александар Шарац, Александар Халабрин и Драган Ристиќ, а се обиделе да ги ликвидираат Самир Дивљановиќ, Милош Ниловиќ, Андрија Зариќ, Арсениј Стефановиќ и сега починатиот Лазар Вукичевиќ, се наведува во соопштението за печатот.
Со шифрирани телефони договарале состаноци во некој парк на Врачар, пишува Нова.рс, бидејќи паркот не може да се озвучи. На состаноците не носеле телефони, а во парковите секогаш имало нивни луѓе во случај да дојде полиција или некој од противничкиот клан. Откако ќе се договореле, ќе се разделеле и потоа повторно договарале средби.
„Врачарците и по неколку месеци ги следеле своите потенцијални жртви: движење, навики, а потоа подготвувале логистика – набавувале оружје и возила“, пишува Блиц.
Како што информираат белградските медиуми, тие се обиделе да го ликвидираат Милош Ниловиќ, викан Руњо, припадник на конкурентниот „шкаљарски клан“ (Ниловиќ негира дека е дел од тој клан) со кој „кавчанците“ со години водат отворена војна. Во него беше пукано во кафулето „Ле Петит Бистро“ во Врачар, на 11 мај 2020 година, но беше само полесно ранет.
Шест лица опфатени во обвинението веќе се во притвор или издржуваат затворска казна во Србија за сторени други кривични дела. Тоа се Милош Миљановиќ, Владимир Ковачевиќ, Вук Урсулов, Марко Дракула, Милош Раичевиќ и Филип Грујиќ.







