Франција мака мачи со стеници, а проблемот порасна до такви размери што предизвика дури и политички расправи, пишува Гардијан.
Така, градското собрание на Париз соопшти дека инвазијата на инсектите што цицаат крв мора да се реши пред Олимписките игри следната година, а министерот за транспорт ги повика железничките и автобуските превозници да спречат размножување на инсектите на седиштата во нивните возила.
Бројни патници објавија фотографии и видеозаписи од крвопијците во парискиот градски сообраќај, брзите возови и на аеродромот Шарл де Гол, што предизвика вистински бран на паника и одвратност.
Некои патници во париското метро и локалните возови рекоа дека од сега ќе стојат затоа што се плашат да седнат на седиштата.

Во текот на летото, еден посетител на кино во Париз на социјалните мрежи објави дека киното е преполно со бубачки, по што кинематографите излегоа со соопштение дека сите сали се темелно исчистени.
Многу компании за дезинфекција изјавија дека има зголемена побарувачка за чистење на приватни куќи и станови.
Министерот за транспорт, Клемент Беан, рече дека следната недела ќе ги свика операторите на јавниот транспорт „за да ги информира за противмерките и што можат да направат за да ги заштитат патниците“.
Исто така, на социјалната мрежа Х, порано Твитер, објави дека целта му е „да ја смири и заштити јавноста“.
Претставници на градската управа на Париз ѝ пишаа на премиерката Елизабет Борн и побараа од неа да формира национална работна група за да се справи со оваа „неволја од инсекти“.
Заменик-градоначалникот на Париз, Емануел Грегоар, на француската телевизија изјави: „Никој не е безбеден.
Можете да ги добиете каде било и да ги донесете дома, а ако не ги откриете на време, тие ќе се размножат и ќе се прошират.“
Рече и дека париските власти добиваат се повеќе повици за помош, а во приватните компании последните недели стигнуваат невообичаено голем број барања за дезинсекција, и дека владата мора да ги координира активностите на сите нивоа на државата „што е можно и побрзо и поефикасно“.
„Ова е вистински пекол“, рече Грегоар, и нагласи дека ситуацијата е уште полоша за домаќинствата со ниски примања кои не можат да си дозволат скапа дезинсекција што ја вршат приватните компании.
Стениците, кои главно исчезнаа до крајот на 50-тите години од минатиот век, повторно се појавија во последните децении, но сега тие се многу поотпорни на хемиски средства.
Можат да се најдат во душеците, но и во облеката и багажот.
Излегуваат ноќе да се хранат со човечка крв. Често предизвикуваат психолошки стрес, проблеми со спиењето, анксиозност и депресија.
Весникот „Ле Парисиен“ во петокот објави напис на насловната страница за паниката поради стениците, нарекувајќи го тој проблем „куќен терор“.
Француското национално здравствено и санитарно тело, Ансес, објави дека меѓу 2017 и 2022 година, 11 отсто од француските домови имале проблеми со стениците.
Оваа недела, машиновозач на линијата 8 на париското метро рече дека видел стеници во неговиот вагон.
Транспортните власти соопштија дека нема потврдени случаи на стеници, но возот за секој случај е исклучен од сообраќај и ќе биде дезинфициран. Железничките превозници рекоа дека вагоните и седиштата редовно се третираат за да се спречи заразата.
Матилда Пано, лидерката на левичарската парламентарна партија, рече дека стениците „предизвикале пекол за милиони семејства во оваа земја“ и дека владата мора итно да дејствува.
Потсети дека и се смееле кога уште во 2019 повикала на изработка на итен национален план за борба против стениците.
„Сакаме владата да признае дека ова е јавноздравствен проблем. Мора да престанат да им зборуваат на луѓето дека треба сами да се справуваат со тоа, како да се работи за индивидуален проблем, додека компаниите наплаќаат претерано високи износи за прскање со хемиски производи на кои стениците се и онака отпорни. Тоа е здравствен проблем, а исто така и ментален проблем – луѓето не можат да спијат, трауматизирани се или мора да земаат антидепресиви“, истакна Пано и додаде дека владата треба да ги координира активностите меѓу државните тела, да влијае на цените за дезинсекција и да забрани одредени хемиски производи кои не делуваат на штетниците.







