Француската полиција употреби солзавец, водени топови и димни бомби за да ги растера собраните демонстранти во центарот на Париз по повод годишнината од почетокот на протестите на движењето „Жолти елеци“.
Судирот на демонстрантите и полицијата изби во северозападниот дел на Париз, кога толпата луѓе се спремала да почне марш низ градот.
Полицијата, исто така, интервенираше за да спречи неколку стотици демонстранти да го блокираат кружниот тек во центарот на градот.
Демонстрантите превртија неколку автомобили, а потоа ги запалија.
Медиумите информираат дека полицијата до сега уапси 24 лица.
Покрај тоа, припадниците на органите на редот со мегафон ги известуваат граѓаните да се разотидат, затоа што нивното собирање не е дозволено.
Протестите на жолтите елеци, да потсетиме, почнаа кон средината на ноември 2018 година, првично заради зголемувањето на цената на горивата и високите трошоци за живот, но прераснаа во широко движење против претседателот Емануел Макрон и неговите економски реформи.
На почетокот на протестите во нив учествуваа неколку десетици илјади луѓе, најмногу беа „пребројани“ и 300.000, а претходниве неколку месеци бројот се сведе едвај на неколку илјади.
(Фото: ЕПА)