Милиони луѓе во Пекинг денеска останаа дома додека кинескиот главен град се обидува да го спречи ширењето на Ковид-19 со сè построги ограничувања на движењето.
Жителите на Пекинг стравуваат дека може да се случат истите остри мерки заради кои повеќето жители на Шангај во кој живеат 25 милиони луѓе, останаа заробени дома неколку недели.
Тамошните власти рекоа дека источниот град победува во борбата против најлошата кинеска епидемија откако почна пандемијата.
Сепак, затворањето на Шангај се интензивираше, што предизвика гнев и ретко видени протести во последната голема економија која сè уште се придржува до политиката на нулта толеранција кон Ковид-19.
Во Пекинг, станиците на подземната железница утринава беа празни за време на утринскиот сообраќаен шпиц во Чаојанг, најнаселената област во градот, откако властите вчера ја зајакнаа одредбата за работа од дома поради зголемениот број случаи на ковид.
Во областа во која живеат 3,5 милиони луѓе, сите непотребни бизниси се затворени, па дури и продавницата на „Ејпл“ во популарното трговско подрачје Санлитун морала да се затвори откако накратко била отворена утрово.
Пекинг во изминативе неколку недели извести за стотици заразени, а денеска се потврдени 49 нови случаи на Ковид-19, релативно мал број, но доволен за да ги поттикне ограничувањата во политичкиот центар на земјата.
Шангај го понесе најголемиот товарот на растечкиот број на заразени со омикрон во земјата, со повеќе од 500 смртни случаи, според официјалните податоци.
Властите во кинеското финансиско средиште воведоа повеќедневен полициски час за жителите на неколку населби, иако дневниот број на случаи е намален.
На социјалните мрежи, граѓаните изразуваат гнев поради збрките со мерките за контрола на вирусот, нејасните инструкции и грубоста од полицајците во Шангај, вклучително и носењето на луѓето со негативни тестови за ковид во државен карантин и оставањето на цели населби без храна.
Фрустрацијата е, исто така, видлива и на улиците – во земјата каде што протестите се ретки и брзо се задушуваат од властите.
Властите ја потврдија вистинитоста на видеото што се појави на социјалните мрежи за време на викендот на кое се гледа дека жителите на градот Жуанџиао се судираат со здравствените власти во заштитна опрема поради недостигот на храна.
„Полицијата презеде мерки за да ги убеди набљудувачите да ја разидат и да се смири состојбата“, изјавија вчера официјални лица задолжени за одговор на ковидот во Жуанџиао.
На жителите на населбите во Пекинг погодени од новиот полициски час – вклучително и некои области каде што претходно беше прогласен помал ризик – им беше наредено да не ги напуштаат своите станови една недела, освен за ПЦР тестови и им е забрането да нарачуваат од дома работи кои „не се важни“.
(Фото: АФП)