Петр Фиала вчера е именуван за нов премиер на Чешка. Тој ја превзеде должноста во дворецот Лани близу Прага во присуство на претседателот Милош Земан, кој седеше зад проѕирна преграда поради неодамнешниот позитивен тест на корона вирус.
Владата во заминување на мултимилијардерот Андреј Бабиш привремено ќе продолжи со работа се до именувањето на целокупниот кабинет.
Примопредавањето на власта не се очекува пред средината на декември.
Бабиш е под притисок после изнесувањето на обвиненија за измама во која се вклучени субвенции од Европската унија и други откритија после објавата на таканаречените Пандорини документи.
Фиала беше на чело на сојузот кој ги вклучува Граѓанската демократска партија (ОДС), Христијанските демократи и Пиратската партија кои заедно освоија 108 од вкупно 200 места во Собранискиот дом на изборите во почетокот на октомври.
„Се соочуваме со тешки времиња“, рече Фиала при потпишувањето на коалицискиот договор пред речиси три недели.
Земјата ја погоди тешкиот четврти бран од заразата со ковид-19, во кој седмодневната стапка на инциденција е 1.191 случај на 100.000 луѓе.
Новата коалиција се изјасни дека е против задолжителното вакцинирање, но ја повика јавноста доброволно да ги намали контактите.
Фиала беше министер за образование од мај 2012 до јуни 2013 година. Тој е професор на политички науки и татко на три деца. На лидерската позиција во ОДС е речиси осум години.