Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, доби дозвола да поднесе жалба на неговата екстрадиција во Соединетите Американски Држави, откако неговиот адвокат вчера во судот во Лондон истакна дека таму не може да се потпре на своето право на слобода на говор.
Двајца судии во лонсдонскиот Висок суд рекоа дека му дозволуваат да поднесе целосна жалба за да ги сослушаат неговите аргументи дека во САД може да биде дискриминиран, врз основа на тоа дека е роден во Австралија.
Стотици демонстранти се собраа претходно пред судот, непосредно пред одржувањето на седницата, а веста за одобрување на жалбата беше дочекана со ракоплескање и песни.
Адвокатскиот тим на Асанж инзести дека во случај на негативна пресуда, тој би можел да биде во авион за САД во рок од 24 часа.
Двајцата судии треба да одлучат дали се задоволни со американската гаранција дека 52-годишниот Асанж ќе може да се потпре на Првиот амандман од американскиот устав доколку таму му се суди за шпионирање во САД.
Неговиот адвокат, Едвард Фицџералд, претходно рече дека судиите не треба да ја прифатат гаранцијата од американските обвинители дека Асанж ќе може да ги користи своите права затоа што судот нема да ја има таа обврска.
„Сметаме дека ова очигледно е несоодветна гаранција“, рече тој пред судот за време на рочиштето.
Фицџералд го прифати одвоеното уверување дека Асанж нема да се соочи со смртна казна, велејќи дека САД дале „недвосмислено ветување дека нема да го обвинат за тешко злосторство“.
САД сметаат дека гаранциите од првиот амандман се доволни. Станува збор за амандман со кој, меѓу другото, се штити и правото на говор.
Џејмс Луис, претставник на американските власти, во документите доставени до судот напиша дека гаранцијата „не може да го обврзе судот“, но дека американските судови ќе го имаат предвид и „колку што можат ќе го извршат ветувањето на извршната власт“.
Демонстрантите што вчера рано утрото се собраа пред судот го повикаа американскиот претседател, Џо Бајден, да го ослободи притворениот Австралиец.
Бајден, во април, рече дека САД го „разгледуваат“ барањето на Австралија, да се откажат од гонењето на нивниот државјанин.
Една од демонстрантите, 54-годишната Емилија Батлин, за Ројтерс изјави дека дошла пред лондонскиот суд за да изрази солидарност за Асанж.
„Тој со својата работа даде огромен придонес за јавноста, информирајќи за тоа што прават владите во нејзино име“.
Во судот се појавија и сопругата на Асанж, Стела, како и татко му и брат му. Обвинетиот не се појави во судницата поради здравствени причини.
Платформата „Викиликс“ објави илјадници доверливи американски воени документи за американската инвазија на Авганистан и Ирак.
Вашингтон тврди дека Австралиецот со тоа ги загрозил животите на американските агенти и дека нема оправдување за неговите криминални дела. Поддржувачите, пак, од друга страна, го слават како херој кој е кривично прогонуван за откривање американски злосторства. „Викиликс“, меѓу останатото, во 2010 година објави видеоснимка од американски воени хеликоптери кои убиваат цивили во ирачката престолнина, како и информации за стотици цивили убиени за време на американската инвазија на Авганистан.
(Фото: Даниел Лиал / АФП)






