Американските обвинители официјално објавија федерални обвиненија за тероризам против 29-годишниот имигрант од Узбекистан, Сајфул Саипов, кој усмрти осум луѓе на Менхетн.
Саипов е обвинет за давање материјална поддршка и ресурси на странска терористичка организација и за насилство и уништување со моторно возило.
Саипов призна дека бил инспириран од видеоснимки на Исламска држава и одлучил да го изврши нападот на Хеловин, бидејќи очекувал повеќе луѓе на улиците. Тој рече дека планирал да продолжи кон Бруклинскиот мост.
Американската полиција и Федералното истражно биро објавија дека трагаат по уште еден Узбекистанец, поради негова вмешаност во нападот. Тие трагаат по 32-годишниот Мухамдзоир Кадиров. ФБИ објави фотографија од Кадиров.
– Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека извршителот на нападот во Њујорк е непријателски борец, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс.
Таа додаде дека Трамп размислува Саипов да го испрати во американскиорт затвор за осомничени терористи во Гвантанамо, Куба.
„Претседателот не бара таква мерка, но би ја поддржал ако почувствува дека тоа е најисправно , истакна Хакаби Сандерс.
Подоцна, Трамп се заложи за смртна пресуда за извршителот на нападот во Менхетн, во кој беа убиени осум лица.
„Терористот од Њујорк ентузијастички побара да го развее знамето на групата „Исламска држава“ во неговата болничка соба. Тој уби осум лица и тешко повреди 12. Треба да добие смртна пресуда , напиша Трамп на Твитер.







