Погребот на Евгениј Пригожин се одржа во вторникот на гробиштата Пороховское под превез на тајност и под строго обезбедување, една недела откако шефот на „Вагнер“, наводно, загина во авионска несреќа.
И покрај тоа што Русија официјално објави дека Пригожин загина во несреќата, остануваат шпекулациите дали тој воопшто бил во авионот. Некои тврдат дека погребот и официјалните изјави всушност се дел од добро разработена измама.
Во овие размислувања се вклопува теоријата за која пишува „Дејли Мејл“, во која се тврди дека наводната сопруга на озлогласениот Евгениј Пригожин, видена на неговиот погреб во вторникот, всушност е сопругата на неговиот двојник.
Станува збор за Љубова Пригожин (52), повлечена сопруга на господарот на војните, или барем така се верувало.

Но, подоцна некои руски медиуми изнесоа тврдење дека жената која е видена на погребот во Санкт Петербург е всушност Ирина Красавина, сопругата на неговиот главен двојник Леонид Красавин.

Инаку, за време на церемонијата не беше изложено ниту едно тело, а околу гробиштата беше поставен круг на вооружени стражари за да се спречи некој да се приближи до гробот, на кој на надгробната плоча е испишана пораката „мртов или жив“.
Присутни беа само неколку одбрани гости, меѓу кои и наводната вдовица и ќерката на Пригожин.
Денес, меѓутоа, сомнежите за прикривање дополнително се поттикнати од тврдењата на каналот на Телеграм, „База“, познат по врските со руските безбедносни служби.
„Новинарите првично ја помешаа сопругата на двојникот на Пригожин (Ирина Красавина) со вистинската вдовица на шефот на ‘Вагнер’ (Љубова)“, објави „База“.
На гробот ја придружуваше Полина Пригожин (31), постарата ќерка на Пригожин.
Според „Проект“, независен руски медиум, Леонид Красавин е барем еден од познатите двојници на Пригожин што шефот на „Вагнер“ ги користел.
Ова било утврдено кога, при претрес во неговиот дом, биле пронајдени три пасоши на име на Пригожин, но со слики на Красавин, кога беа откриени и слики на Пригожин со разни маски.
„Проект“ пишува дека Красавин е поранешен затвореник од Санкт Петербург кој ги сменил името и презимето за да стане ист како шефот на „Вагнер“.
Појавувањето на „сопругата“ на Красавин беше сосема неочекувано, особено што доаѓа во време кога официјална Москва се обидува да ги прикрие околностите на несреќата, одбивајќи да ја испита според меѓународните правила.
Кремљ негираше дека учествувал во несреќата во која, според официјалните податоци, загинале десет луѓе.
Меѓу загинатите се Пригожин, двајца главни поручници на неговата „Вагнер“ и четворица телохранители.
Сепак, многу аналитичари сметаат дека сомнителната несреќа е всушност одмазда на Владимир Путин.
Падот на авионот се случи два месеци откако Пригожин и неговите платеници организираа краток бунт против рускиот воен врв што претставуваше најголем предизвик за владеењето на рускиот претседател откако тој дојде на власт во 1999 година.

За многумина, беше изненадување што човекот, познат по прекарот „готвачот на Путин“, издржа толку долго откако го организираше неславно пропаднатиот пуч.
Но, има и такви кои веруваат дека Пригожин воопшто не е мртов и дека всушност не бил ниту погребан во предградието на неговиот роден град Санкт Петербург во вторникот околу 13 часот по локално време.
„Пригожин е ‘жив, здрав и слободен’ во неименувана земја“, тврди политичкиот аналитичар Валериј Соловеј, поранешен професор на престижниот московски Институт за меѓународни односи, школа за обука на шпиони и дипломати.
Исто така, тврди дека руските власти лажат кога велат дека ја пронашле неговата ДНК, а Пригожин се крие во неименувана земја.

„Прво, авионот во кој требаше да лета Пригожин е соборен од рускиот систем за противвоздушна одбрана“, рече Соловеј, оспорувајќи ги тврдењата на американските разузнавачки служби дека авионот е уништен однатре со употреба на експлозивна направа.
„Немало никаква експлозија во авионот.Однадвор е урнат“, убеден е Соловеј.
„Тајната операција за извршување на овој напад е развиена во рускиот Совет за безбедност, а е одобрена лично од рускиот претседател. Пригожин е жив, здрав и слободен. Во летот наместо него бил неговиот двојник и Путин многу добро го знае тоа“, тврди поранешниот ментор на бројни шпиони.

Соловеј вели дека на почетокот на следниот месец ќе ја открие земја на егзил на Пригожин, но негира дека тоа е Африка, на која веднаш многумина би помислиле.
Сомнежите дека официјална Москва не ја кажува целосната вистина за судбината на Пригожин ги зголеми и големото присуство на безбедносните сили на погребот во вторникот.
Десетици полицајци и припадници на руските служби за безбедност формираа обрач околу гробиштата, а на луѓето им беше забранет влез дури и преку детектори за метал, додека полицајците имале опрема дури и против дронови.
Во меѓувреме, бразилскиот Центар за истражување и превенција на воздухопловни несреќи, во интерес на подобрување на безбедноста на воздухопловството, информираше дека ќе се приклучи на истрагата предводена од Русија доколку биде поканет и, се разбира, ако истрагата биде водена според меѓународните правила.
Руските воздухопловни власти не обврзани да соработуваат со бразилските воздухопловни експерти, но некои поранешни истражители сметаат дека треба, бидејќи Америка и други западни влади се сомневаат дека Кремљ стои зад падот на авионот.
Во понеделникот, фотографиите од местото на несреќата покажаа дека целата земја е мистериозно отстранета со булдожери, но некое јасно објаснување за тој потег не беше понудено.
Според Организацијата за меѓународно цивилно воздухопловство на Обединетите нации со седиште во Монтреал, летот од Москва до Санкт Петербург бил домашен, па затоа не подлежи на меѓународните правила познати под правниот назив „Анекс 13“.
„Русите не се обврзани да спроведат истрага, само им беше препорачано да го сторат тоа“ изјави шефот на бразилскиот Центар за истражување и превенција на воздухопловни несреќи, Марсело Морено, откако минатата недела, вели, испратиле електронска пошта во која ја прашале Русија дали ќе отвори таква истрага.
„Но, ако кажат дека ќе отворат истрага и ќе не поканат, ние ќе ја прифатиме таа покана“, истакна Морено.
Без оглед на обидот за пуч, Кремљ не можеше да си дозволи да го оцрни Пригожин, кој беше идолизиран од многумина во земјата.
Коментарите на Путин за смртта на Пригожин, исто така, го одразуваат тој став на претпазливост.Минатата недела изјави дека лидерите на „Вагнер“ „дале значаен придонес“ во борбите во Украина и го опиша Пригожин како „талентиран бизнисмен“ и „човек со тешка судбина“ кој „направил сериозни грешки во животот“.
Сергеј Марков, политички аналитичар кој го поддржува Кремљ, смета дека Пригожин сепак го достигна статусот на легенда.
„Погребот на Пригожин го покренува прашањето за комуникација меѓу бирократскиот руски државен систем, кој нема голем политички потенцијал, и политички активниот патриотски сегмент на руската јавност“, вели Марков.
Прелиминарната проценка на американското разузнавање заклучи дека намерна експлозија предизвикала пад на авионот, а западните официјални лица посочија на долгиот список на непријатели на Путин кои се убиени.
Кремљ ги отфрли западните тврдења дека Путин стои зад несреќата како „апсолутна лага“.
Руската државна телевизија, која со децении служеше како главен извор на информации за огромното мнозинство Руси, едвај воопшто да го следеше погребот.
Друг голем канал, Русија 1, на целиот настан посвети помалку од една минута во своите вечерни вести, само за да објави дека погребната церемонија била одржана „без странски луѓе и новинари на барање на семејството“ и дека гробот на Пригожин е веднаш до оној на неговиот татко, кој починал во 1978 година.
Третата популарна станица, Канал 1, пак, целосно го игнорираше целиот настан.







