„Новак Ѓоковиќ не смее да влезе во Соединетите Американски Држави бидејќи не е вакциниран против корона вирусот, што значи дека нема да му биде дозволено да се натпреварува на УС Опен“, објави сенаторот од Флорида, Рик Скот.
Тој напиша дека Ѓоковиќ нема да може да игра во Индијан Велс и Мајами, но најважен е УС Опен турнирот, кој, во случај на победа, би му донел предност на Ѓоковиќ пред Рафаел Надал на вечната ранг-листа.
Ѓоковиќ испратил барање до американските власти за изземање, односно за специјална дозвола за влез, но било одбиено.
„Штотуку ме информираа дека Министерство за внатрешна безбедност на САД го одби барањето на Новак Ѓоковиќ за ослободување од вакцини, што го прави неподобен за турнирите во Индијан Велс и Мајами. Сега само Џо Бајден може да го поправи ова, да го одобри барањето и да го пушти да се натпреварува“, напиша Рик Скот.
Организаторите го сакаат Ноле
Турнирот во Индијан Велс е закажан од 6 до 19 март, додека во Мајами се игра од 19 до 2 април. УС Опен, пак, е на програмата од 28 август до 10 септември, па српскиот тенисер и неговиот правен тим ќе имаат време да се изборат за настап на Грен слемот.
Организаторите на трите турнири изразија желба да им дојде Ѓоковиќ.
„Новак Ѓоковиќ е еден од најголемите шампиони што нашиот спорт некогаш ги видел. Тенискиот сојуз на САД и УС Опен се надеваат дека на барањето на Новак да влезе во земјата ќе биде одговорено позитивно и дека навивачите ќе можат да го гледаат на дело и во Индијан Велс и во Мајами“, беше објавено на официјалниот Твитер на УС Опен.
На почетокот на неделата српскиот тенисер го собори рекордот на Штефи Граф, помина повеќе недели на врвот на ранг листата од кој било тенисер во историјата. Тој на последниот АТП турнир во Дубаи, во полуфиналето, беше поразен во два сета од Русинот Данил Медведев.







