По заминувањето на Роман Абрамович продолжува вистинскиот фудбалски егзодус на „Стамфорд Бриџ“
Откако Челзи го напуштија Ромелу Лукаку, Антонио Ридигер и Андреас Кристијансен, уште еден фудбалер е на излезната врата на англискиот великан.
Имено, Тимо Вернер наскоро повторно ќе ја задолжи опремата на Лајпциг, објави добро информираниот Фабрицио Романо.
Со недели веќе се шпекулира дека ќе следи враќање на Германецот во клубот каде го стекна реномето кое го доведе во најквалитетната лига на светот, а според најновите информации двете страни се на чекор до договор.
Првата вест беше дека Вернер ќе биде испратен на позајмица, но Романо пренесе дека сепак ќе следи трансфер и дека напаѓачот ќе потпише траен договор со Лајпциг.
Вернер има 26 години, за две сезони во Челзи не ги оправда вложените пари и бидејќи „сините“ се клуб кој потроши најмногу пари летово, реши да го продаде германскиот напаѓач.
Вернер се пресели во Челзи со трансфер вреден околу 50 милиони евра, а засега не е познато за колку пари се вратил во германскиот клуб.
Тренерот на „сините“ денеска ги потврди гласините дека и Маркос Алонсо ќе го напушти Челзи.
„Да, вистина е“, изјави менаџерот на Челзи, Томас Тухел, и така потврди дека Шпанецот го напушта Лондон.
Алонсо, 32-годишниот лев бек кој е во Челзи од 2016 година, кариерата би требало да ја продолжи во Барселона.
Претходно ова лето, од Челзи во Барселона премина и данскиот стопер Андреас Кристенсен. Алонсо поради овој трансфер го пропушти вчерашниот натпревар од првото коло во Премиер лигата во кој Челзи го победи Евертон со 1:0.
Тој за Челзи одигра 211 натпревари и постигна 29 гола, со 23 асистенции. Со лондонскиот клуб лани беше европски шампион, а ги освои и Премиер лигата, Лига Европа и ФА Купот.
Челзи веќе го доведе Марко Кукуреља како замена за Алонсо, а таа позиција ја покрива и Бен Чилвел, па долго време беше јасно дека Маркос ќе замине на нова дестинација.
Да потсетиме, на радарот на лондонскиот клуб стои едно звучно име, па „сините“ во блиска иднина би можеле да ангажираат засилување на позицијата напаѓач.