Владата на Нов Зеланд прогласи вонредна состојба на национално ниво, трет пат во својата историја, откако циклонот ‘Габриел’ предизвика огромни поплави, лизгање на земјиштето и огромни бранови долж целиот Северен Остров.
Претходно, вонредна состојба на ниво на држава беше прогласена после земјотресот со јачина од 6,3 степени во Крајстчерч во 2011 година и во првите денови од пандемијата со Ковид-19.
Локалните медиуми објавија фотографии на кои се гледаат жители како седат на покривите на станбените објекти опкружени со вода, куќи во подножјето на брдата кои исчезнале под одроните и патишта под вода.
Тамошните власти тврдат дека станува збор за „невидена природна катастрофа“.
„Циклонот ‘Габриел’ е најзначајниот временски настан којшто Нов Зеланд го доживеа во овој век.
Цели генерации не виделе ваква штета. Се уште се пресметуваат штетите предизвикани од невремето“, изјави премиерот Крис Хипкинс.
Циклонот зафати подрачје од околу 100 километри североисточно од Аукленд и ги опустоши помалите острови, но постепено се движи кон југозапад.
Метереолошката служба објави дека обилните врнежи во областа Аукленд веќе поминале, но дека сега ќе го зафатат јужниот дел на островот.
Досега се раселени околу 2.500 луѓе, но тој број може наскоро да се промени, бидејќи некои градови се целосно отсечени од остатокот од островот.
Циклонот донесе силен дожд, предизвика поплави и силни ветрови на целиот Северен остров, поради што жителите на бројни мали крајбрежни места беа евакуирани.
(Фото: Стр/АФП)







