Синоќа во Белград после тешко боледување почина популарниот глумец Љубиша Самарџиќ во 81. година од живот, соопштија српските медиуми.
Љубиша Самарџиќ е роден на 19. ноември 1936. година во Скопје, а од 1960. до денес се појави во повеќе од 70 филмски и телевизиски улоги.
Тој скоро цел месец бил на болничко лекување во Клиничкиот центар во Белград, на одделот за хематологија, поради лоша здравствена состојба.
Во декември минатата година Самарџиќ имал тешка операција на тумор на мозокот, а лекарите тогаш имаа оптимистички прогнози, но три месеци подоцна неговата состојба повторно се влошила и оттогаш поголемиот дел од времето го поминувал во болница.
Последното негово појавување во јавност беше на 30. март на отворањето на Мартовскиот фестивал за документарни и краткометражни филмови, каде што се прикажуваше неговото последно остварување „Пан„
Во неговата кариера има освоено повеќе награди: во 1967. година на филмскиот фестивал во Венеција освои Златен лав за улогата во филмот „Јутро“, а има освоени и три пати Златна арена во Пула, Гран при на филмските средби во Ниш, беше прв глумец со наградата АВНОЈ, а ја добил и наградата Павле Вуисиќ за животно дело.