Десет лица загинаа во падот на приватен авион што се случи завчеравечер во 19.35 во областа Твер, северно од Москва, а руската Управа за цивилно воздухопловство соопшти дека на списокот на патници бил и поранешниот водач на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин.
Седум патници и тројца членови на екипажот се наоѓале во авионот „Ембраер“ кој летал од Москва за Санкт Петербург, јави агенцијата ТАСС.

„Покрената е истрага за падот на авионот ‘Ембраер’ во регионот Твер. Според сите релевантни информации, меѓу патниците е и Евгениј Пригожин“, соопштија од Росавијација.
Каналот на Телеграм „Греј зона“, кој е поврзан со групата „Вагнер“, објави список на патници во урнатиот авион. Во него биле Евгениј Пригожин, Дмитриј Уткин, Сергеј Пропустин, Евгениј Макаријан, Александар Тотмин, Валери Чекалов, Николај Матушеев и капетанот Алексеј Левшин, копилотот Рустам Каримов и стјуардесата Кристина Распопова.
„Телата на сите десет лица кои патувале во соборениот авион се извлечени од местото на несреќата и со тоа е завршена операцијата за пребарување“, јави агенцијата Интерфакс, три и пол часа по несреќата, повикувајќи се на итната помош.
Пригожин пред само три дена го сподели своето видео-обраќање, прво по неговиот прекинат бунт во јуни.
Да потсетиме, шефот на „Вагнер“ по маршот кон Москва беше испратен во Белорусија. На видеото тој изгледаше дека е во Африка, а зборуваше за тоа како Русија тој континент го прави слободен.
Руската управа за цивилно воздухопловство потврди дека Евгениј Пригожин загинал во авионската несреќа што се случи вчеравечер, а потврдено е дека загинал и Дмитриј Уткин. На летот имало 10 луѓе и нема преживеани.
Руските државни медиуми јавуваат дека е започната истрага за фаталната авионска несреќа.
„Специјално формираната комисија почна да собира материјали за екипажот и нивната обука, за техничката состојба на авионот и метеоролошката состојба на рутата на летот, за работата на диспечерските служби и за копнената радио опрема, пренесува РИА Новости.
Недолго по несреќата, вторитот деловен авион во сопственост на Евгениј Пригожин, кој одел по слична рута, од Санкт Петербург слетал во Москва.
Поранешен специјален советник на американската војска за „Скај њуз“ изјави дека нема да биде чудно доколку Владимир Путин стои зад несреќата.
„Не треба да заборавиме дека исчезнувањето или отстранувањето на некои од непријателите на Путин во текот на годините беа поврзани со сомнителни авионски несреќи“, рече Марк Војаџер и, како пример, ја наведе смртта на генералот Лебед, гувернерот на регионот Краснојарск, кој загина во пад на хеликоптер Ми-8 во 2002 година. Тој пред тоа се кандидираше за претседател, а ја критикуваше и чеченската војна што ја започна Путин.
„Според натамошните чекори на Кремљ и режимот на Путин, ќе знаеме до кој степен тие знаеле за ова“, додава тој.

Руските служби за итни случаи пронајдоа осум тела на местото каде што падна леталото, јави РИА.
Шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин бил на списокот на патници за тој лет, соопштија претходно руските власти.
Непотврдени извештаи на каналите на Телеграм тврдат дека авионот бил соборен од руската противвоздушна одбрана.
Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, се огласи по извештаите за несреќата.
„Што се однесува до Пригожин, треба да почекаме додека не се разјасни се. Меѓутоа, јасно е дека Путин никому не простува. Го чекаше моментот. Очигледно е и дека Пригожин сам на себе си ја потпиша смртната казна во моментот кога поверувал на чудните уверувања на Лукашенко и на не помалку апсурдниот збор на Путин“, рече Подољак.
„Неверојатната смена на Пригожин и ‘Вагнер’, два месеци по обидот за пуч, е пораката на Путин до руските елити пред изборите во 2024 година дека нелојалноста е еднаква на смрт“, додаде тој.
„Додека пристигнуваат информации за тоа дека шефот на ‘Вагнер’, Евгениј Пригожин, наводно загинал во авионска несреќа, рускиот претседател е на концерт“, напиша Скај Њус, додавајќи дека Путин е на настан посветен на 80-годишнината од победата на советските трупи во Битката кај Курск.
Воениот аналитичар на весникот, Шон Бел, вели дека оваа авионска несреќа може да биде трик за да му се овозможи на шефот на Вагнер мирен живот во егзил и дека е можно тој всушност да не е мртов.

„Очекувавме дека прашината ќе се спушти пред Путин да се справи со проблемот на Пригожин, но тоа се случи дури два месеци подоцна. Ова можеби е исконструирана приказна за да може Пригожин тивко да избега и да живее некаде во егзил со одреден степен на приватност“, вели Бел.
Поранешниот руски дипломат Борис Бондарев за Скај Њус изјави дека не е важно дали Владимир Путин стои зад оваа несреќа. Ако Пригожин е мртов, Путин во секој случај ќе има корист.
Бондарев рече дека, откако шефот на „Вагнер“ започна вооружен бунт и го направи рускиот претседател да изгледа слаб, овој одговор беше очекуван.
„Путин мора да одговори агресивно за да ја задржи својата моќ. За време на бунтот и по него, се однесуваше како слаб водач, послаб отколку што требаше, па мислам дека, ако Пригожин е мртов, тоа ќе му биде од корист на Путин. Ова ќе покаже дека тој е се уште силен и има авторитет и дека секој обид против него ќе биде казнет на овој или оној начин“, вели Бондарев и додава дека руските државни медиуми ќе објавуваат само информации кои му одговараат на Кремљ, па ако тоа им оди во прилог, можат и да го покажат телото на Пригожин. Но, би можеле да кажат и дека не е можно да се идентификува, што би оставило простор за шпекулации.








