Општина Гази Баба непотребно ќе се задолжи за околу 5 милиони евра, реагираат од партијата Левица, и ги обвинуваат градоначалникот Бобан Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ за неразумен потег што може да ја „закопа“ општината.
Патем, напоменуваат дека, историски гледано, раководењето на ВМРО-ДПМНЕ често резултирало со големи задолжувања и недовршени капитални проекти кои останувале како потсетник на алчната власт.
„Една од најголемите, а воедно и една од најбогатите општини на ниво на Македонија, Гази Баба, потенцијално ќе биде задолжена за 5 милиони евра преку издавање на обрзници. Тоа е точка на дневен ред на претстојната седница на Советот на општината. Задолжувањето би претставувало скоро 40% од планираните приходи во Основниот буџет за 2023 година. Проценете сами, драги граѓани, дали ова преставува лошо раководење со општината?“, велат од Левица.
Во соопштението до јавноста, меѓу другото, од партијата наведуваат дека кога ќе се земело во предвид оти каматните стапки биле највисоки во изминатиот период и се уште растат, општината ќе паднела во должничка бездна, од која, за да се излезе, ќе биле потребни многу години.
„Наместо камати кај лихваробанкарите, општината, со подобро раководење, може да инвестира во капитални проекти, на правилен начин, и со тоа да допринесе за добробитот на нејзините жители. Проектите за кои е предвидено задолжувањето ќе бидат процес на повеќегодишно реализирање заради кое најверојатно ќе има дополнителни задолжувања на општината во наредните буџети“, заклучуваат од Левица.







