Аеродромите во Дизелдорф, Хамбург и Келн/Бон денес се речиси празни во новиот круг штрајкови што ги свика германскиот синдикат „Верди“, поради кризата со трошоците за живот.
Близу 100.000 луѓе ќе бидат погодени од прекинот на работата на вработените во воздухопловната безбедност денеска и утре на три аеродроми, соопшти здружението на аеродроми „АДВ“, а околу 700 појдовни летови ќе бидат откажани.
„Денешната ситуација на терминалите е иста како и во претходните штрајкови оваа година: терминалите за поаѓање се празни, ситуацијата е мирна“, изјави портпаролот на аеродромот во Хамбург.
Синдикатот соопшти дека преговара со здружението за воздухопловна безбедност (BDLS), за да поттикне зголемување на платите за ноќни смени, викенд смени и државни празници, но засега нема напредок.
Утре штрајкот треба да се прошири, бидејќи „Верди“ го повика безбедносниот персонал од аеродромот во Штутгарт да се приклучи на штрајкот, заради што аеродромот ги откажа сите полетувања.
Германскиот синдикат „ЕВГ“, исто така, за утре повика на штрајк на превозниците низ државата, а меѓу нив е и националниот железнички оператор „Дојче Бан“.
Штрајкот ќе зафати 50 компании и ќе трае од три часот наутро до 11 часот, со очекувани значителни нарушувања, соопшти синдикатот на железници и превозници.
Високата инфлација во најголемата европска економија го поттикна бранот штрајкови во последните месеци бидејќи работниците бараат повисоки плати заради се поголемите трошоци за живот.
(Фото: Аеродромот во Хамбруг / ДПА – Кристијан Карисиус)







