Проблемот со хигиената, влагата и санитарните јазли што со години укажува на лошите услови во кои живеат студентите и покрај бројните најави од Министерството за образование и наука за реновирање и одделување наменски финансии, останува да виси само врз грбот на студентите.
Сведоци на ваквата мизерија денес беа и пратениците Моника Зајкова, Мухамед Кадриов, Артина Ќазими, Фиснике Бектеши, Сафије Садики од Клубот на младински прашања и политики на Собранието на Македонија, и претседателот на Универзитетското студентско собрание, при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј” во Скопје, Славчо Темелковски. Со нив денес при обиколката на домот беше и Виктор Велевски, директорот на „Стив Наумов”.
Целта на посетата е да се изврши увид во просторите и да се оцени дали поправките и реновирањето се одвиваат согласно предложениот Акциски план за реализација во студентските домови на активности побарани од студентите од Министерството за образование и наука.
„Импресиите се лоши, очигледно е дека е потребно да се санираат студентските домови од корен, особено ‘Стив Наумов’. Првиот и вториот блок се реновирани во 2009 година, а гледаме дека зградите се тотално вон употреба и тоа е засрамувачки. Мизеријата е очигледна. Не ме чуди зошто младите си заминуваат од нашата земја… Тоа што го видовме во оваа зграда што е пуштена во употреба е дека треба под итно да се санираат и реконструираат и тоалетите, но и да се подобрат условите за живот“, изјави Зајкова.
Директорот Велевски истакна дека очекува во март 2023 година да почнат темелни градежни активности.
„Се изборивме во овој проект да влезе и мензата во домот ‘Гоце Делчев’ што претходниот пат, кога тој се реновираше, остана во таа состојба каква што е. Со средствата што ги имаме на располагање, што ги добиваме од страна на Министерството за образование и наука санираме толку колку што можеме. Еве, сега се варосува, првпат од 1991 година, сменивме плочки, а ставени се и врати“, рече Велевски.
„Бидејќи не сум дел од домовите, сакав да ги посетам и да се запознаам со состојбата внатре во нив. Студентите најмногу се жалат на тоалетите и хигиената. Мислам дека доколку се реши тој проблем ќе има поинаква слика за домот. Но, не можеме како општество да се задоволиме само со преправка на тоалетите и подобрување на хигиена. Студентските домови во регионот се на едно многу повисоко ниво од овие што се тука кај нас“, вели претседателот на Универзитетското собрание, Славчо Темелковски.
(Фото: „Република“)







