Преговорите на сириската влада и бунтовниците за завршување на војната во Сирија почнуваат денеска во главниот град на Казахстан, Астана, и ќе бидат први од таа врста во последната година.
Делегацијата на опозицијата ја сочинуваат истакнати членови на значајни бунтовнички групи, предводени од Мухамед Алуш од Армијата на Исламот.
Сириската влада ќе ја претставуваат амбасадорот во ОН Башар Џафари и високи воени лица.
Едно од најзначајните прашања за кои ќе се расправа на преговорите ќе бидат напорите да се консолидира кревкото примирје востановено кон крајот на минатиот месец и олеснување на хуманитарната криза во, од војната, разрушената земја.
Разговорите во главниот град на Казахстан, на кои ќе присуствува и претставник од ОН, се водат под покровителство на Русија, Иран и Турција и се дел од најновите настојувања да се најде политичко решение за завршување на војната која, според проценките, до сега однесе над 400.000 животи.







