Премиерот Зоран Заев в недела, 23 јули ќе престојува во службена посета на Босна и Херцеговина. Според босанските медиуми, Заев во Сараево ќе има средба со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздич.
По средбата планирано е да се потпише меморандум за разбирање меѓу Министерството за надворешна трговија и економски односи на БиХ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, од страна на ресорните министри Мирко Шаровиќ и Љупчо Николовски.
Планирано е да се потпише и програма за културна соработка од страна на ресорните министри Адил Османовиќ и Роберт Алаѓозовски.
Во најавената агенда, Звиздич и Заев треба да го посетат и Ротимље, каде ќе положат венец на спомен-обележјето на местото каде се урна владиниот „кингер“, при што загинаа претседателот Борис Трајковски и екипажот.







