Британската полиција уапси албанска банда која киднапирала 30-годишен маж и барала откуп од 400.000 фунти, а киднаперите ја тепале и мачеле жртвата, наводно, поради неподмирени долгови.
Полицијата од Лондон, британската Национална агенција за борба против криминал (NCA) и албанската полиција спроведоа серија рации минатата недела за да го спасат киднапираниот човек. НЦА објави дека пет мажи и една жена се обвинети за киднапирање и закани за убиство. Уапсени се седум лица, сите државјани на Албанија, пишува британски „Телеграф“.
Киднаперите го контактирале братот на жртвата и му испратиле видео снимки, по што тој повикал полиција. Бандата, наводно, од семејството побарала откуп од 400.000 фунти и им дала четири дена да го платат наведениот износ.
Полицијата го пронашла и ослободила 30-годишникот и тој сега е безбеден под полициска заштита.
„Добивме информација за киднапиран 30-годишен Албанец во Англија, за кого се бара откуп од 400.000 фунти. Албанската полиција ја сподели информацијата со колегите во Велика Британија, кои потоа започнаа спасувачка акција“, изјави портпаролот на албанската полиција.
(Фото: Илустрација)