Северна Кореја соопшти дека денеска за прв пат тестирала нова стратешка крстосувачка ракета, како дел од нејзините „редовни и задолжителни“ активности за развој и надградба на своето вооружување.
Ракетата наречена „Пулвасал-3-31“ моментално е во развој и пробното испалување немало влијание врз безбедноста на соседните земји, соопшти Корејската централна новинска агенција (КЦНА), додавајќи дека проектилот нема „никаква врска“ со регионална ситуација.
„Пробното истрелување е процес на постојано ажурирање на системот за вооружување и е редовна и задолжителна активност на Главната канцеларија за проектили и нејзините придружни одбранбени научни институти“, соопшти КЦНА, без да открие детали за летот на ракетата.
Војската на Јужна Кореја вчера соопшти дека открила лансирање на неколку крстаречки ракети од Северна Кореја кон Жолтото Море околу 7 часот наутро.
Началникот на јужнокорејскиот Генералштаб рече дека верува оти со лансирањето била тестирана надградба на способностите на постоечките ракети.
Тоа е прво познато лансирање на крстосувачки проектил на Северна Кореја од септември 2023 година, кога земјата пробно тестираше две стратешки крстосувачки ракети со долг дострел со лажни нуклеарни боеви глави кон Жолтото Море.
Крстосувачките ракети летаат ниско и маневрираат, што ги прави подобри во избегнувањето на ракетната одбрана.
Минатата година Северна Кореја ги лансираше стратешките крстосувачки ракети „Хвасал-1“ и „Хвасал-2“, за кои се претпоставува дека можат да носат тактичко нуклеарно оружје. „Хвасал“ на корејски значи – стрела.
Лансирањето на крстосувачката ракета не е директно кршење на повеќе резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации со кои се забранува употребата на технологијата на балистички ракети од страна на Северот.
Но, тоа би можело да претставува сериозна закана за безбедноста на земјата, бидејќи таквите проектили може да носат нуклеарни боеви глави.
Пјонгјанг минатата недела, исто така, тврдеше дека тестирал подводен дрон на нуклеарен погон, во знак на протест против последните заеднички воени вежби на Јужна Кореја, САД и Јапонија.
Северна Кореја ги засили тензиите на Корејскиот Полуостров со тестирање на оружје и остра реторика во изборната година за Јужна Кореја и САД.
Јужна Кореја соопшти дека започнува масовно производство на извидувачки беспилотни летала на средна височина со цел ниво поставување во 2027 година за да се подобрат способностите за надзор и да придонесе за одбраната на земјата.
(Фото: Илустрација / Корејска централна новинска агенција)







