Шест од избраните пратеници од СДСМ ќе влезат во новата реформска Влада. Тоа значи дека на нивното место доаѓаат шест кои се следни на листите за пратеници во Собранието.
„Заминувањето“ на Дамјан Манчевски и на Рената Дескоска во Владата овозможи влез во собранието на единаесетиот и дванаесетиот од листата на СДСМ и коалицијата во Првата изборна единица.
Нови пратеници се Лилјана Поповска, претседателката на ДОМ, и Никица Корубин од ЛДП.
Оливер Спасовски му овозможи влез во Собранието на деветтиот на листата од ИЕ2, Мирослав Јовановиќ, а Славица Шуманска – Митева од „тројката“ ќе го замени Љупчо Николовски.
Промени ќе се случат и на листата во „четворката“. На местото на Зоран Заев во парламентот доаѓа Сашко Атанасов, а во „петката“ Бети Рабаџиевска – Наумовска ќе ја замени Радмила Шеќеринска.







