Пред неколку месеци се побунија винарите. Кога нема струја, не работат генераторите. Кога генераторите не работат, не работат ниту машините. Црвената течност чека да се флашира, шишињата стојат, чекајќи ја својата етикета.
Јужна Африка е позната во светот по своето вино. Тоа и е едно од најпознатите извозни производи, заедно со златото, дијамантите, железната руда и јагленот. Но, проблемите со кои се соочуваат винариите се само детаљ во сложувалката на хаосот што во таа земја со години го сее распаднатата електроиндустрија.
„Јужна Африка би можела да стане пропадната држава“, коментираше пред извесно време високорангиран член на Африканскиот национален конгрес, партијата на легендарниот Нелсон Мандела, која во изминатите триесетина години, од падот на апартхејдот, помалку или повеќе непречено владее со 31-та светска економија.
Но, од почетокот на оваа година се чини нема ден кога нејзините 60 милиони жители не доживеале снемување на струја.
Исклучувањата од електричната мрежа почнаа да траат и до десет часа дневно. Во последните денови и по 16 часа. Луѓето се очајни.
Во Јужна Африка за ова имаат свој назив – сечење на товар. Во земја со високо ниво на сиромаштија, висок процент на заразеност со ХИВ, широко распространет криминал, корупција и сега економска криза, прекините на електричната енергија ги фрлаат во очај сопствениците на продавници за сладолед, кафулињата и работниците во индустријата, која од ден на ден бележи нови удари во одржливоста на работењето.
Јулиус Малема, кој неколку години беше на чело на подмладокот на Африканскиот национален конгрес, а потоа, откако беше исклучен од партијата, ја основа левичарската организација „Економски борци за слобода“, во интервју за Би-Би-Си сугерираше дека треба да биде дозволено системот да крахира.
„Потоа ќе има револуција, а во анархија, Јужна Африка и нејзиниот нечесен и нефер систем ќе се ресетираат и ќе овозможат земјата конечно да тргне напред“, злобно порача Малема.
Некои сметаат дека колапсот на системот за снабдување со електрична енергија во Јужна Африка е неминовен и дека истото важи и за некои соседни земји.
Во извештајот на репортерот на Би-Би-Си, коренот на проблемот се наоѓа во провинцијата наречена Мпумаланга. Тоа е срцето на јужноафриканското производството на јаглен, со чие горење настанува дури 80 отсто од електричната енергија во таа земја.
Група западни земји и понудија на владата во Јоханесбург поголема финансиска помош за да и помогне на земјата, која има фантастичен потенцијал кога станува збор за енергија од сонце и ветер, да ја започне својата транзиција кон почисти форми на енергија.
Меѓутоа, низа саботажи, кои траат цела деценија, му се закануваат на тој план, а и на функционирањето на државата.
Многу набљудувачи веруваат дека серија инциденти поврзани со енергетската инфраструктура на земјата имаат за цел да ја поткопаат моќта на Африканскиот национален конгрес, која, со оглед на состојбата во земјата, се тетерави на позицијата на власт, во добар дел и заради сопствената неспособност и корупцијата. Но, ова е само една од теориите.
Репортерот на Би-Би-Си споменува два случаи од пред неколку месеци кои добро ја потресоа Јужна Африка, земјата навикната на криминал и насилство и се солидна основа за објаснување на ситуацијата во која се најде државата.
Минатиот ноември, пишува Би-Би-Си, 43-годишен маж саботирал машина во една стара електрана на јаглен, лоцирана источно од Јоханесбург.
Постојат голем број на теории зошто го направил ова. Според некои, тоа било платено од некоја корумпирана компанија за одржување за да можат дебело да наплатат за поправката. Или управата на електраната „Камден“ да се присили да потпише некаков договор. Или, можеби, тој инцидент е дел од поширок заговор со кој се сака земјата да се фрли во хаос и да се сруши владејачката партија – АНК.
Африканските истражители не дошле до одговор за тој случај, како ниту за оној што се случи околу еден месец подоцна.Во канцеларијата на директорот на „Еском“, јужноафриканска државна компанија за електрична енергија, која некогаш беше од светска класа, се расипал апаратот за кафе.Асистентката накратко ја оставила чашата на нејзиниот шеф, Андре де Рујтер, без надзор за да побара помош.
Машината набрзо била поправена и Де Рујтер, без да се посомнева во ништо, набрзо во својата канцеларија ги испил првите голтки. Петнаесет минути подоцна тој беше на пат кон болница. Преживеа. Лекарите велат дека тоа е чудо. Некој во силно обезбедуваната зграда на државниот електроенергетски гигант успеал да прокриумчари цијанид и отров за глувци. Де Рујтер не ја чекаше полицијата да открие кој го сторил тоа. Даде отказ, ја напушти работата, а ја напушти и државата.







