Повеќе илјади луѓе, главно од курдско потекло, протестираа денеска во повеќе германски градови против офанзивата на Турција на северот на Сирија, а најмногу се собраа во Келн.
Во Келн, според информациите, во протестниот марш кој го организираа левичарски групи учествуваа околу 10.000 луѓе.
Германската полиција беше во приправност поради можност од насилства, но се’ се заврши мирно.
Некои од демонстрантите носеа знамиња на силите на сириските Курди, познати како Единица за народна заштита, која турската војска се обидува да ја потисне.
Други, пак, носеа транспаренти со слоганите „Нема договор со режимот на АКП“, што се однесува на Партијата на правдата и развојот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во Германија живеат голем број Турци и Курди, а напнатоста меѓу нив во минатото многу често прераснуваше во насилство.







